ТЕСТ: Audi A5 Sportback 2.0 TDI 190 S-Tronic Sport – Зошто седан, кога може Sportback? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Audi A5 Sportback 2.0 TDI 190 S-Tronic Sport – Зошто седан, кога може Sportback?

Со желба и самите да се увериме во квалитетите на новата генерација на популарниот купе-седан-хечбек на Audi, поминавме неколку дена со новиот A5 Sportback.

Прашањето кое неизбежно ќе си го поставите кога ќе поминете неколку дена со A5 Sportback е – зошто би избрал класичен седан, кога постои нешто вакво? A, зошто тоа прашање? Ќе се обидеме токму тоа да го одговориме.

Да се разбереме – Audi A5 Sportback е контраверзен автомобил. Зошто? Контраверзен, затоа што комбинацијата на купеовски дизајн, седанска пространост и хечбековска практичност делува навистина тешка и за изведување, и за разбирање – но може да биде многу моќна. Многумина гледаат на ваквите автомобили како на некакво богохулие, но ајде да бидеме малку модерни и да ги оставиме таквите сфаќања онаму каде што припаѓаат – во минатото – и да зборуваме за A5 Sportback.

Со оглед на популарноста на минатата генерација на A5 Sportback, сосем беше очекувано дека Audi ќе понуди иста верзија и од новиот А5. Но што всушност значи ознаката Sportback? Значи дека купето со ознака А5 добива уште две врати од страните, и целосно нова врата позади. Односно – станува купе со четири врати, и плус петта врата од багажникот, а токму оваа петта врата го прави A5 Sportback технички да биде – хечбек!

Силуетата на A5 Sportback изгледа крајно елегантно

Како изгледа тоа во пракса? Крајно елегантно, ако се прашуваме ние. Долгата, ниска и широка силуета на A5 Sportback изгледа динамично, дури и кога автомобилот не е во движење. На предниот дел главниот збор го имаат големата маска на ладилникот и елегантните, хоризонтални светла. Од страниците на светлата „излегува“ карактерната линија која оди сè до задниот дел каде се претопува во дискретниот заден спојлер.

Страниците се типично купеовски, со ниска кровна линија и ниски странични стакла – но должината на страничните стакла издава дека сепак се работи за автомобил кој има пет врати. Сликата ја комплетира задниот дел кој изгледа чисто и модерно – а таму вниманието го задржуваат задните светлосни групи кои имаат интересен тродимензионален лик. Сè на сè – дизајнот на А5 Sportback (барем во нашите очи) е одлично погоден.

Ентериер сличен на оној кај Audi A4 – погодена ергономија, врвни материјали и беспрекорна завршна обработка

Ја отвораме возачката врата – која патем, како што му доликува на едно купе е без рамка – и нè пречекува ентериер кој не ни е непознат. Всушност, оние кои имале било каков контакт со тековниот A4, веднаш ќе го препознаат ентериерот на А5. Се спуштаме во спортските седишта и лесно наоѓаме комфорна и прегледна возачка позиција – но сепак вреди да се напомене дека поради формата на A5 Sportback прегледноста кон задниот дел е малку ограничена. Овој проблем со надминува со паркинг-сензорите кои се дел од стандардната опрема.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Audi го претстави целосно-новиот, технолошки-напреден Q5!

Некои ќе бидат изненадени од „недостатокот“ на кожни седишта во ваков автомобил, но спортските платнени седишта нам ни се допаднаа. Нудат одлична поддршка и одлично ве „држат во место“ кога совладувате свиоци. Инаку, ентериерот е дури типичен за Audi – завршната обработка е меѓу најдобрите во сегментот, а скоро сите материјали кои ќе ги допрете се со врвен квалитет. Ергономијата – повторно, очекувано – е идеална и навистина немаме некакви посериозни забелешки. Ни се допаѓа можноста мултимедијалниот уред да го контролираме преку „тркалцето“ поставено пред рачката од менувачот, а особено e кул панелот за клима-уредот со индикаторите за температура поставени директно во самите контроли. Единствено ќе морате малку да се навикнете на поставеноста на „тркалцето“ за контролирање на гласноста на аудио-уредот, но кога ќе се навикнете ќе се изненадите колку е всушност практично.

Она што изненадува е просторната понуда на задната клупа – која е скоро идентична со онаа кај седанот А4, освен можеби просторот за глава кој е малку намален поради опаѓачката линија на кровот.

Вистинскиот џокер во ракавот на A5 Sportback е петтата врата

Но вистинскиот „џокер“ на A5 Sportback е токму петтата врата. Кога ќе ја отворите големата врата ќе добиете одличен и супер-лесен пристап до багажниот простор и неговиот капацитет од 480 литри, кои нараснуваат на одлични 1300 литри кога ќе ги спуштите задните седишта. Верувајте, пакувањето на сè што ви е потребно за годишен одмор е многу полесно кога имате ваков пристап до багажникот, наместо како кај класичен седан.

Комфорен и компетентен сопатник кој е најуверлив на отворен пат

Инаку, зад управувачот, A5 Sportback е токму онаков каков и што очекувавме – компетентен, самоуверен и комфорен. Управувањето е директно и прецизно, но без премногу повратни информации – но сепак големото купе со пет врати верно ќе ги следи вашите насоки и нема да ве изневери. Агилноста со која A5 Sportback ја менува насоката на движење заслужува почит, но вистинскиот „дом“ на овој автомобил е автопатот.

Поврзано:  Audi лансира нов бренд кој се вика... AUDI?

Токму на автопат A5 Sportback го покажува својот талент за „голтање“ дистанци и поминување стотици, па и илјадници километри во еден здив. Одличната звучна изолација, комфорната суспензија (и покрај големите тркала) и стабилноста во сите услови значат дека лесно ќе дојдете до брзини кои ги надминуваат ограничувања, а притоа нема ниту да осетите дека се движите со брзина која потенцијално може да ви ја загрози возачката дозвола.

Не дека ние возиме така, туку само сугерираме како би можело да биде. Искрено.

Моќен и економичен 2-литарски TDI со 190 коњски сили

Задолжен за задвижување на нашиот тестен автомобил беше 2-литарскиот TDI турбодизел кој испорачува 190 коњски сили при 4000 вртежи во минута и одлични 400 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Во комбинација со 7-брзинскиот S-Tronic менувач со двојна спојка и погон на предните тркала, овој мотор го забрзува A5 Sportback до 100 километри на час за 7.9 секунди, а максималната брзина е 235 километри на час.

За време на неколкудневното дружење со A5 Sportback измеривме потрошувачка од околу 8.3 литри дизел гориво на 100 изминати километри во градски услови.

Комбинацијата од моќниот турбодизел и супер-мазниот 7-брзински менувач со двојна спојка се покажа како идеална – како за маневрирање низ град и справување со нашите добро-познати „тргни-застани“ ситуации, така и на отворен пат. Претекнувањето на автопат е лесно – сè што треба да направите е да ја притиснете педалата за гас – менувачот ќе „спушти“ степен-два и лесно ќе го заобиколите автомобилот пред вас. Вистински крстосувач, верувајте!

Солидна опременост и врвна безбедност

Нашиот автомобил дојде опремен со LED предни светла, големи 18-инчни тркала, мултимедијален уред со Bluetooth поврзување, три-зонски клима уред, паркинг сензори, електрично-нагодливи ретровизори со загревање, алуминиумски детали во кабината, борд-компјутер во боја, цел куп системи за активна и пасивна безбедност, како и грст воздушни перничиња и завеси, затемнети задни стакла и уште многу други ситници.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Новиот Audi RS 3 има 400 коњски сили и достигнува скоро 300 километри на час!

И конечно, зошто седан кога може Sportback?

И сега – да се навратиме на првичното прашање – зошто би земале класичен седан ако на располагање имате автомобил како A5 Sportback? Ако сме искрени – ние секогаш би избрале петта врата наместо седан – едноставно, практичноста е неспоредливо на страната на A5 Sportback во однос на конвенционалните седани. Да, можеби на повисоките патници на задната клупа ќе им недостасува малку простор за главите – но тоа е цена што ние сме подготвени да ја платиме. Особено кога автомобилот е толку привлечен како Audi A5 Sportback.

 

Спецификации

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 190 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 400 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 7 брзини
  • Максимална брзина: 235 км/час
  • Забрзување 0-100: 7.9 секунди
  • Должина: 4733 mm
  • Ширина: 2029 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1386 mm
  • Тежина: 1520 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2824 mm
  • Багажен простор: 480 – 1300 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 8.3 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Audi А5 2.0 TDI 190 S-Stronic  – 56.586 Евра
    Повеќе информации: Audi.com.mk

 

Димензии

Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.