Малиот Lotus Exige Sport 410 има 3.5-литарски компресорски V6 кој испорачува – погодувате – 410 коњски сили, благодарение на кои забрзува „до стотка“ за само 3.3 секунди!
Импресивните перформанси се достапни не само заради моќниот мотор, туку и заради супер-лесната конструкција на британската ракета на четири тркала. Lotus Exige Sport 410 е најлесниот модел со V6, и тежи само 1054 килограми!
Како што напоменавме, моторот испорачува 410 коњски сили и 420 Nm вртежен момент. Моќта се испорачува кон задните тркала преку 6-степен мануелен менувач и перформансите се неверојатни – 100 километри на час пристигнуваат за само 3.3 секунди, а максималната брзина е 290 километри на час.
Дел од приказната се и ултра-лесни ковани тркала (17-инчни напред, 18-инчни позади) обвиени во Michelin Pilot Sport Cup 2 пневматици, како и систем за сопирање од AP Racing. Сето ова го прави Lotus Exige Sport 410 ултимативниот „уличен“ Lotus!