Новиот модел на Skoda – кој ќе се нуди само на кинескиот пазар – е замислен да биде поставен под Karoq и да биде вистински кросовер.
Растот на Skoda во Кина е импресивен – продажбата на моделите на чешкиот бренд е зголемена за неколку стотици проценти за само две години, па затоа е сосем очекувано Skoda да направи сè што може да ги зајакне своите позиции.
Kamiq е поставен на локалната платформа која ја носи ознаката PQ. На истата платформа е поставена и кинеската изведба на Skoda Rapid. Kamiq ќе се нуди со нов 1.5-литарски бензинец кој нуди 109 коњски сили и 150 Nm вртежен момент. Стратегијата на Skoda е прилично јасна – Kamiq ќе биде подостапен од Karoq, за да може да се бори со локално-произведените вакви модели, но и силната конкуренција која доаѓа од Hyundai, Citroen и Nissan на тамошниот пазар.
Новиот Kamiq најверојатно ќе остане да се продава само во Кина. Плановите на Skoda за Европа се поамбициозни – наскоро и ние ќе добиеме помал SUV базиран на Vision X концептот кој Skoda неодамна го претстави, а во план е да се понуди и Kodiaq GT – односно, голем купе-SUV.