Електричниот тркачки автомобил со кој Volkswagen ќе го напаѓа легендарниот брдски настан тежи 1100 килограми и располага со 680 коњски сили и 650 Nm вртежен момент!
Всушност, според официјалните информации кои ги добивме од Volkswagen, електричниот тркачки автомобил постигнува 100 километри на час за само 2.25 секунди – перформанси кои според Volkswagen се подобри од оние Formula 1 болидите, но и на Formula E тркачките автомобили! Максималната брзина не е објавена – но таа ни не е толку важна – за Pikes Peak многу поважни се меѓу-забрзувањата на тие легендарни 156 свиоци!
Секако, бидејќи се работи за тркачки автомобил, инженерите биле посветени на перформансите, а не на дистанцата која може да ја помине електричниот тркач. Она што треба да го очекуваме се застрашувачки перформанси на 19.99 километри-долгата патека – а според Volkswagen, системот кој служи за трансформирање на кинетичката енергија во електрична би можел да изврши рекуперација на дури 20% од потребната електрична енергија за подвигот.
Зад управувачот ќе биде моменталниот Pikes Peak шампион – Romain Dumas. Тој ќе се обиде да го подобри рекордот за електрични автомобили кој е 8 минути и 57.118 секунди.