Со неодамнешното освежување, Volkswagen започна да го вградува новиот, 1-литарски TSI турбо-бензинец со три цилиндри во Golf, а ние сакавме и самите да се увериме во економичноста и перформансите на малиот мотор!
Седмата генерација на Volkswagen Golf не ни е непозната – веќе неколку пати сме седеле зад воланот на гордоста на Wolfsburg, последниот пат во Golf VII 1.6 TDI со 115 коњски сили. Но она за кое денес ќе зборуваме е многу важно – а тоа е новиот, 1-литарски, три-цилиндерски TSI турбо-бензинец со 110 коњски сили кој Volkswagen започна да го вградува во Golf.
Три цилиндри? Илјада кубни сантиметри? Сигурни сте?
Три цилиндри? Да, секако. Всушност – да, зошто да не? Како што моторите стануваат сè поефикасни и поефикасни, а технологиите како директно вбризгување и турбо-полнење овозможуваат импресивна моќност од сè помали зафатнини, сосем е логичен чекорот на производителите на автомобили да го намалуваат капацитетот на моторите.
Новиот 1-литарски TSI бензинец кој е вграден во нашиот тестен автомобил е резултат на долгогодишна и генерациска еволуција на TSI моторите на Volkswagen групацијата. Со оглед на капацитетот, деминутивниот мотор испорачува импресивни перформанси – дури 110 коњски сили од 5000 до 5500 вртежи во минута, и уште поважно – 200 Nm од 2000 до 3500 вртежи во минута. Колку за споредба, толку вртежен момент испорачува и 1.4-литарскиот TSI кој има четири цилиндри и 125 коњски сили.
Моторот е исклучително рафиниран – само звукот го издава бројот на цилиндри.
Дополнително, уште при првото тргнување се забележува дека многу внимание е посветено на рафинираноста на моторот и елиминирањето на несаканите вибрации кои се скоро неизбежни кај природната небалансираност на моторите со три цилиндри.
Во овој поглед, 1-литарскиот TSI навистина изненадува – единствената работа која „ја издава“ бројката на цилиндри е звукот кој го има оној карактеристичен призвук на мотор со три цилиндри – но инаку, моторот работи рафинирано и без никакви несакани вибрации.
Перформансите не е за занемарување – според официјалните податоци, вака опремен Golf забрзува до 100 километри на час за 9.9 секунди и постигнува максимални 196 километри на час – бројки кои воопшто не се за потценување. Но вистинските насмевки доаѓаат кога ќе погледнете во индикаторот за потрошувачка – за време на неколкудневното тестирање на Golf 1.0 TSI ние измеривме потрошувачка која се движеше меѓу 5.9 и 6.5 литри бензин на 100 изминати километри – во град!
Традиционално – комфорна и практична кабина со врвна завршна обработка
Секако, тука се и сите други квалитети кои веќе сме навикнати да ги очекуваме од Golf. Golf продолжува да биде неверојатно лесен за секојдневна употреба – прегледноста и маневрабилноста се одлични, комфорот и просторната понуда се меѓу врвните во класата, а немаме забелешка ниту на опременоста.
Она што ние би го додале во листата на опрема е темпомат и алуминиумски фелни – но инаку, сликата е помалку или повеќе комплетна. Особено ни се допадна и црвената боја на нашиот тестен модел – во океанот од бели, сиви и црни автомобили, црвената боја се истакнува!
Изненадувачка управливост и динамичност
Дополнителна придобивка од малиот мотор е и намалената тежина – со овој мотор, Golf е тежок 1237 килограми – не-баш-незначителни 45 килограми помалку од 1.4-литарскиот TSI со 150 коњски сили, односно дури 85 килограми помалку од 1.6-литарскиот TDI со 115 коњски сили. Намалената тежина игра улога како во потрошувачката, така и во динамичноста.
Golf можеби не е најдинамичниот автомобил во класата, но верувајте – простор за забава зад управувачот секако дека има. Автомобилот послушно ќе ги изврши сите ваши команди, а вистинско задоволство е да се користи и прецизниот мануелен меувач со шест степени на пренос.
Како што традиционалните, атмосферски бензинци одат во историјата, сосем е очекувано дека модерните турбо-бензинци со директно вбризгување ќе нудат сè подобри и подобри перформанси, а сето тоа комбинирано со сè пониска потрошувачка. Новиот 1-литарски TSI е доказ дека индустријата се движи во вистинската насока и работи на подобрување на перформансите и ефикасноста на ваквите мотори.
На скептиците ќе им порачаме – пробајте и самите, ќе бидете изненадени!
Скептиците сигурно ќе бидат токму тоа – скептични. Ќе речат – „ама како може само три цилиндри во толкава кола, како може само 1000 кубни сантиметри?“ На скептиците само ќе им речеме да одат и самите да пробаат. Да, во ред – перформансите не се врескачки, но не ни треба да бидат. Ова е еден од „основните“ мотори, а како таков, перформансите и економичноста се навистина за поздрав. Всушност, има зошто Volkswagen става верзија токму од овој мотор во спортскиот up GTI!
Спецификации
- 1-литарски турбо-бензинец, три цилиндри
- Моќност: 110 коњски сили / 5000 вртежи во минута
- Вртежен момент: 200 Nm / 2000-3500 вртежи во минута
- Максимална брзина: 196 км/час
- Забрзување 0-100: 9.9 секунди
- Должина: 4255 mm
- Ширина: 1790 mm
- Висина: 1492 mm
- Тежина: 1237 kg
- Меѓуоскино растојание: 2637 mm
- Багажен простор: 380 литри
- Потрошувачка: 5.9 (официјална, градска), 6.4 (измерена, градска)
- Цена на тестираниот модел: Volkswagen Golf VII 1.0 TSI 110 Trendline – 18.757 Евра
Повеќе информации: Volkswagen.com.mk
Галерија
Фотографија: Дејан Маликовски