Чешкиот бренд на Volkswagen групацијата ја најави амбициозната експанзија и најави дека во следните две години ќе лансира дури 19 нови модели – а еден од нив ќе биде сериската верзија на Vision X.
На својата годишна прес-конференција, чешкиот бренд најави дека до крајот на 2020 ќе лансира дури 19 нови модели.
Секако, не ги објавија сите 19, но потврдија дека еден од новите автомобили ќе биде сериската верзија на концептот со име Vision X кој неодамна беше претставен на Саемот во Автомобили во Женева. Според најавеното, сериската верзија на Vision X ќе биде лансирана следната година, заедно со електричната изведба на малиот Citigo и плаг-ин хибридната верзија на големиот Superb.
Škoda планира да има дури 10 електрифицирани или електрични возила до 2025 – а еден од нив ќе биде и сериската верзија на Vision E концептот. Со цел да ги оствари овие амбициозни цели, Skoda ќе инвестира околу 2 милијарди евра во „електромобилност и нови мобилни услуги“ во следните пет години.
Истовремено, луѓето од Škoda се пофалија дека 2017 беше најуспешна година во историјата на брендот – тие испорачаа повеќе од 1.2 милиони возила и имаа оперативен профит од 1.6 милијарди евра. Според Klaus-Dieter Schurmann од Škoda, овие успеси се благодарение на „успешната имплементација на SUV стратегијата и подобреното ценовно позиционирање.“ Големиот успех секако се должи на Kodiaq и Karoq (кои ние веќе ги возевме – прочитајте ги нашите тестови на големиот Kodiaq и нијанса помалиот Karoq), но Octavia останува најпродаван модел на Škoda.
Најголем пазар на Škoda останува Кина – таму се продадени 325.000 возила. На второ место е Германија со 173.000 возила, Чешката Република со 95.000 возила и Велика Британија со 80.100 возила.