ТЕСТ: Jaguar E-Pace S D150 AWD Auto – Jaguar храбро влегува во бејби-SUV сегментот – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Jaguar E-Pace S D150 AWD Auto – Jaguar храбро влегува во бејби-SUV сегментот

Со очигледниот раст на популарноста на SUV и кросовер моделите, сосем беше очекувано Jaguar да понуди уште еден, помал ваков автомобил кој ќе се бори со конкуренцијата – па ние поминавме неколку дена токму со новиот E-Pace!


Моменталната ренесанса на Jaguar е фасцинантна за следење – од производител кој пред само 10-тина години имаше застарена гама на возила и ниту еден SUV ниту кросовер, британскиот бренд прерасна во производител кој во моментов нуди три различни седани, еден супер-спортски автомобил, еден целосно-нов електричен автомобил и два SUV модели. Чекор по чекор гамата на Jaguar расте – а со тоа расте и привлечноста на автомобилите на Jaguar кои сè полесно наоѓаат купувачи и фанови.

Всушност, ако до пред неколку години Jaguar важеше за бренд кој има исклучително педигре, но како да е наменет за постарите купувачи, сега Jaguar гради имиџ на бренд кој може секому да понуди по нешто – и токму тоа е потребно во време кога конкуренцијата е силна и нуди автомобили во секоја можна нишка.

Несомнено, еден од најзаслужните автомобили за повторното „заживување“ на Jaguar е токму нивниот прв SUV – големиот F-Pace. Со F-Pace, Jaguar покажа дека не само што знае да направи SUV, туку знае да го искористи знаењето од своите сестрински брендови, но и истовремено да понуди и привлечен и модерен дизајн. Сето тоа резултира со одлична продажба, но и значителни признанија – F-Pace не само што ја доби наградата за дизајн на годината, туку беше прогласен и за Светски Автомобил на Годината за 2017.

Но ако ова е тест на E-Pace, зошто толку зборуваме за F-Pace? Едноставно – за да објасниме дека со E-Pace, Jaguar треба да ја продолжи успешната приказна на F-Pace, но во помало пакување. Притисокот е голем – а автомобилот кој треба да се испорача, треба самиот да излезе од сенката на поголемиот брат.

Веднаш се препознава визуелната врска на E-Pace со другите модели на Jaguar

Пред нас стои црвен E-Pace и веднаш се забележува семејната врска со другите автомобили на Jaguar. Формата е карактеристична за еден кросовер – „набилдани“ страници, големи тркала и подигнат, спремен-сум-да-го-напуштам-асфалтот став. Но кога ќе погледнеме одблиску ги забележуваме семејните детали – на предниот дел доминираат светлосните групи кои очигледно се инспирирани од оние на F-Type, додека на задниот дел препознаваме задни светла кои се налик на оние кај поголемиот SUV – F-Pace. Линиите меѓу нив се чисти и јасни, без непотребно-прекршени површини.

Растечката профилна линија која ги двои прозорците од „металот“ му дава на E-Pace динамичен став и визуелно ја прикрива височината на кабината. Ако се прашуваме ние – E-Pace скоро идеално ги погодува пропорциите на еден ваков автомобил. Особено привлечно ни изгледа задниот дел со широките колкови и широките, хоризонтални задни светла. Единствено – би посакале број-два поголеми тркала за поубаво да бидат исполнети гоооолемите предни и задни крила.

Поврзано:  Jaguar C-X75 повторно се враќа

Динамична и практична кабина со спортски детали

Како што ја отвораме возачката врата на E-Pace, станува јасно дека приказната за динамичност продолжува и во кабината. Нè пречекуваат кожни седишта кои истовремено се исклучително комфорни, но и спортски-профилирани. Скоро сите површини се покриени со квалитетни материјали и се забележува вниманието кое е посветено на деталите. Во ред, не е сè идеално – но поголеми забелешки немаме. Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција (а возачкото и совозачкото седиште можат да се спуштат надолу до ниво кое е некарактеристично за SUV) и единствената забелешка која ја имаме е кон прегледноста наназад која е ограничена заради формата на Ц-столбовите. Инаку – ергономијата е во ред – сите команди се лесни за разбирање и користење, и единствено дисплејот за инструментите „бара малку учење.“

Оние повнимателните ќе забележат неколку детали со кои Jaguar се обидува да ја истакне динамичноста на E-Pace, па покрај спортските седишта, ќе препознаат и неколку ситници „позајмени“ од F-Type – како на пример рачката на централниот тунел наменета за совозачот, како и рачката од автоматскиот менувач.

Задната клупа ќе понуди доволно простор за двајца патници, но не очекувајте дека на тројца ќе им биде премногу комфорно. Багажникот е достапен преку правилен отвор за полесно внесување и поголеми предмети, а понудениот капацитет од 577 литри е меѓу најдарежливите во класата.

Дволитарскиот турбодизел е исклучително рафиниран

Во ред, ги затвораме вратите и време е да возиме. Под поклопецот на нашиот тестен модел се крие 2-литарски турбодизел кој нуди 150 коњски сили и 380 Nm вртежен момент. Во комбинација со 9-брзински автоматски менувач, силата ја пренесува кон сите четири тркала. Официјалните бројки зборуваат за забрзување до 100 километри на час кое трае 10.5 секунди и максимална брзина од 193 километри на час – сосем респектабилно.

Поврзано:  Jaguar C-X75 повторно се враќа

Но во реални услови на возење, чувството зад управувачот е како моторот да нуди повеќе од 150 коњски сили – леснотијата со која моторот ја задвижува каросеријата е изненадувачка. Отидете чекор понатаму – ставете го E-Pace во Dynamic режим, а менувачот во Sport и ќе бидете пријатно израдувани од динамичноста на малиот SUV на Jaguar. Тој подготвено се соочува со свиоците и прилично нетурално (за SUV, секако) се справува со нив. Динамичните гени на Jaguar се веднаш препознатливи.

Секако – имајќи ја потрошувачката на ум – E-Pace е примарно калибриран со погон на предните тркала, но доколку забележи потреба системот веднаш префрла дел од вртежниот момент кон задната оска, а со тоа се постигнува таа неутралност во управувањето. Кога веќе зборуваме за потрошувачката – бидете внимателни со педалата за гас и градската потрошувачка ќе биде меѓу 8 и 9 литри на 100 изминати километри – сосем коректно, со оглед на тежината, димензиите, погонот на сите четири тркала и автоматскиот менувач.

Маневрабилен и комфорен

Низ град E-Pace одлично се снаоѓа со урбаниот метеж – највеќе благодарение на високата седечка позиција и автоматскиот менувач. Секако, сензорите и камерите го олеснуваат маневрирањето во тесните улички и паркинг места. На отворено импресионира рафинираноста на погонската единица и на самиот автомобил – дури и на повисоки брзини во кабината е тивко и лесно се разговара со сопатниците.

Ниту комфорот не е за потценување – иако нашиот тестен модел беше на 18-инчни тркала, месестите пневматици со кои тие беа обвиени помагаа во беспрекорното апсорбирање на нерамнините од нашите улици. Секако – динамичноста сама по себе налага цврста суспензија, но таа во ниту еден момент не е претврда ниту пак се пренесуваат несакани вибрации и удари во кабината.

Поврзано:  Jaguar C-X75 повторно се враќа

Многу опрема, врвна безбедност

Нашиот тестен модел можеше да се пофали со многу играчки – од централниот мултимедијален уред со навигација и можност за Bluetooth поврзување, па преку дигиталниот дисплеј пред возачот, паркинг камерата, кожните седишта, сè до сите други мали и не-баш-мали додатоци – немаме замерки на опременоста. Немаме замерки ниту на безбедноста – E-Pace стандардно доаѓа со цела гама на системи за активна и пасивна безбедност, како и еден куп воздушни перничиња. Jaguar E-Pace е веќе тестиран на EuroNCAP стандардизираните тестови за безбедност, каде освои максимални пет ѕвездички.

Jaguar докажа дека може да се пренесат најважните квалитети од поголем, во помал SUV

Дали E-Pace го продолжува успехот на F-Pace? Во нашите очи – секако! Jaguar повторно нуди привлечен и динамичен SUV кој успешно ги комбинира дизајнот, практичноста и динамичноста. Секако, за многумина вистински Jaguar ќе бидат само седаните на брендот – но едноставно мораме да бидеме искрени и да ги пофалиме инженерите и дизајнерите на Jaguar за она што го постигнаа со само два вакви автомобили – и што им успеа да ги пренесат најважните квалитети од поголемиот F-Pace во помалиот E-Pace!

Спецификации

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 150 коњски сили / 3500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 380 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 9 брзини
  • Максимална брзина: 193 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.5 секунди
  • Должина: 4395 mm
  • Ширина: 2088 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1649 mm
  • Тежина: 1831 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2681 mm
  • Багажен простор: 577 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 8.7 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Jaguar E-Pace S 150D AWD A9 – 57.564 Евра
    Повеќе информации: macedonia.jaguar.com

Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.