Компактниот кросовер на Hyundai – новата Kona – синоќа ја доживеа својата македонска премиера во салонот на импортерот на корејскиот бренд – Кореа Ауто Трејд.
Kona го воведува Hyundai во сосем нов сегмент – и тоа на моќен начин. Несекојдневниот дизајн, храбрите бои и врвните технологии се силни атрибути на Kona, и атрибути со кои Hyundai ќе се обиде да привлече помлада генерација на купувачи кои бараат нешто повеќе од својот автомобил.
На македонскиот пазар Kona ќе се нуди со два различни мотори во три различни нивоа на опрема. Во понудата се наоѓаат исклучиво турбо-бензинци со директно вбризгување – и тоа 1-литарскиот T-GDI со три цилиндри и 120 коњски сили, како и помоќниот (и за нас поинтересен) 1.6-литарскиот T-GDI со 177 коњски сили.
Обата мотори може да се добијат со било кое од трите нивоа на опременост, но помалиот мотор може да се добие само со 6-степен мануелен менувач и погон на предните тркала, додека помоќниот само со 7-степен автоматски менувач со двојна спојка и погон на сите четири тркала.
Цените во Македонија започнуваат од 20.546 евра за Kona 1.0 T-GDI во Pure ниво на опрема со погон на предните тркала и 6-степен мануелен менувач. Доколку го сакате помоќниот мотор во истото ниво на опрема, но со автоматски менувач и погон на сите четири тркала, ќе треба да одвоите 23.930 евра.
На самиот врв е Hyundai Kona 1.6 T-GDI во Premium ниво на опрема со 7-степен автоматски менувач и погон на сите четири тркала, и таа чини 31.290 евра
Се надеваме дека наскоро ќе имаме можност и самите да ја пробаме новата Kona и да ви ги пренесеме нашите импресии од несекојдневниот компактен кросовер.