Концептот на Cupra дивизијата на SEAT го претстави својот концепт за електричен тркач кој има до 680 коњски сили!
Според Cupra, односно претседателот на SEAT – Luca de Meo – новиот Cupra e-Racer е „вистински моторспорт автомобил“ и „првиот 100% електричен тркачки touring автомобил во светот.“
А богами – имаат и со што да се пофалат – електричниот тркач е изграден врз основа на постоечкиот Leon Cupra TCR (знаете, службениот на Иџе) но добива редизајнирани браници, нов преден поклопец и нови отвори за воздух, како и монструозен заден спојлер. Концептот е во бела боја, има нови тркала и многу детали од карбон.
Она што е интересно е дека според она што го знаеме, Cupra e-Racer може континуирано да испорача 402 коњски сили, а во одредени услови таа моќност нараснува на импресивни 680 коњски сили. Бројката за вртежниот момент не е објавена, но сигурни сме дека е подеднакво импресивна. Сето тоа би требало да резултира со убедливи перформанси на тркачката патека.
SEAT е првиот бренд кој нуди електричен TCR тркач – дали и останатите учесници во шампионатот ќе понудат свои верзии, и дали е ова иднината на моторспортот – останува да видиме. Но мораме да признаеме дека по ова што го гледаме – изгледа привлечно!