Растечката популарност на SUV моделите не покажува никакви знаци на успорување – а ние поминавме неколку дена со еден од најпопуларните модели во премиум сегментот – новиот BMW X3!
Пред скоро 20 години BMW го започна трендот на спортски SUV модели – со тоа што понуди SUV кој не „возеше како теренец“, туку зад управувачот беше скоро како обичен автомобил со спортски карактеристики. Со тоа купувачите ги добија сите придобивки од ваквите автомобили – практичноста, просторноста и можноста да се напушти асфалтот, без притоа да мораат да се справуваат со незграпноста на традиционалните теренци. Пуристите гласно протестираа против ваквите автомобили – но сега веќе знаеме дека сето тоа беше залудно – SUV доминацијата е во полн ек, а токму BMW X3 е меѓу најдобрите автомобили во овој сегмент.
Секако, баварците не престанаа со зголемување на палетата на X-модели – она што започна со X5, продолжи со X3, а сега веќе имаме X-модели од X1 до X6, а наскоро ќе имаме и X7 – па токму X3 е „златната средина“ во оваа понуда.
Новата, трета генерација на X3 е навистина нова – добива целосно нова платформа, нов (но еволутивен) дизајн, нов ентериер и цела лепеза на нови технологии кои го издигнуваат над директните конкуренти. Целта на инженерите била едноставна – да го понудат најдоброто што можат, без притоа премногу да ја напуштат победничката формула. Резултатот на тоа е она што го гледаме пред нас – новиот X3.
Динамичен дизајн каде аеродинамичноста го има главниот збор.
Како и секогаш – прво за дизајнот. Уште кога за прв пат го видовме новиот X3 на неговата македонска промоција впечаток ни остави неговата севкупна динамичност – благодарение на M Sport пакетот „нашиот“ X3 има навистина спортски лик – а тоа се должи на спортските браници со големи отвори за воздух, традиционалните BMW „ноздри“ кои стануваат сè поголеми, страничните прагови кои ги истакнуваат затегнатите линии и завршетоците на издувниот систем кои привлечно ја комплетираат сликата за спортски SUV.
Мноштвото прекршени линии и рамнини му даваат на X3 несекојдневен лик и го издвојуваат од конкуренцијата – и во ниту еден момент нема да го помешате со модел од некој друг производител. Интересно е што навистина многу време е посветено и на аеродинамиката на X3 – па ако минатата генерација имаше коефициент на отпор на воздухот од 0.36, сега тој е намален на 0.29 – а тоа има неколкукратни ефекти.
Ентериер кој влече потекло директно од поголемите автомобили на BMW
Ја отвораме вратата и нè пречекува ентериер кај кој се забележува значителен напредок во однос на минатиот модел – кабината на X3 сега нуди забележително повеќе простор, без притоа да изгуби на спортскиот дух кој го очекуваме од BMW. Веднаш се истакнуваат одличните M Sport седишта кои се навистина комфорни и нудат многу можности за нагодување, а ни се допаднаа и многуте детали во сина боја – од опшивките на седиштата и патосниците, па сè до амбиенталното осветлување.
Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција – седењето може да биде ниско како во спортски седан, или пак можете да седите повисоко, како во SUV. Ергономијата е каква што и можеме да очекуваме од германски автомобил – сè е онаму каде што очекувате да биде и лесно ќе се снајдете со сите команди. Пријатно нè израдува одлуката многу малку површини да се покријат со неизбежниот пијано-црн финиш кој останува чист цели 20 секунди по перењето и е вистински магнет за отпечатоци од прсти и ситни прашинки.
X3 го добива и новиот iDrive систем кој веќе се вградува кај поголемите модели на BMW – а тоа значи голем централен дисплеј преку кој се контролираат скоро сите функционалности на автомобилот, но и традиционални прекинувачи за најважните работи – како што е клима уредот, на пример. iDrive системот сега е навистина лесен и логичен за користење и можете да го контролирате преку вртечкиот „џоистик“ или преку самиот екран кој е чувствителен на допир.
Дополнително, нашиот тестен автомобил имаше и дигитален дисплеј поставен пред возачот, преку кој може лесно да се видат најважните податоци. Во зависност од режимот на возење информациите се менуваат, па можете лесно да го прилагодите кон вашиот стил и вашите барања.
Патниците на задната клупа ќе можат да се опуштат – има повеќе од доволно простор. Ова се должи и на зголеменото меѓуоскино растојание, благодарение на кое X3 сега е меѓу најпросторните модели во класата. Секако, не заостанува ниту багажникот – на располагање ќе имате 550 литри достапни низ правилен отвор, а под „лажниот под“ има уште многу простор за одлагање ситници. Багажникот нараснува на 1600 литри кога ќе ги спуштите задните седишта.
2-литарски турбодизел, автоматски менувач и погон на сите четири тркала
Нашиот тестен модел дојде со комбинацијата од мотор, менувач и погон кој се очекува да биде најпопуларен меѓу купувачите – а тоа е 2-литарски турбодизел, автоматски менувач и xDrive погон на сите четири тркала. Дволитарскиот турбодизел испорачува 190 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 400 Nm вртежен момент од 1750 до 2000 вртежи во минута.
Перформансите се повеќе од адекватни – 100 километри на час се постигнуваат за рамно 8 секунди, а максималната брзина е 213 километри на час. За време на нашето тестирање ние измеривме градска потрошувачка која се движеше меѓу 8 и 9 литри на 100 километри – сосем добро, со оглед на моќта и големината на X3. Секако, тука улога има и одличната аеродинамичност која веќе ја споменавме – дали знаевте дека X3 има и системи за активна аеродинамика? На пример, отворите на предната маска на ладилникот се затвораат при повисоки брзини токму за да се подобри аеродинамичноста, а со тоа и да се намали потрошувачката на гориво.
Како што и очекувавме – кај X3 доминира динамичноста
Она што пријатно изненадува е рафинираноста на германскиот турбодизел – но и вниманието кое е посветено на звучната изолација и рафинираноста на целиот автомобил – вратите се затвораат со пријатен звук, а во кабината скоро и да не се пренесуваат никакви вибрации од моторот, ниту пак звуци од надворешноста. Навистина премиум чувство! Движењето низ град е лесно благодарение на големите стаклени површини, но и многуте сензори и камери кои препорачуваме да ги нарачате. Суспензијата (иако спортска, благодарение на M Sport пакетот) подготвено ги впива нерамнините од нашите улици. На отворено, X3 е комфорен сопатник и дури и на повисоки брзини нема многу бучавост во кабината. Повторно, делумна заслуга за тоа има и подобрената аеродинамика.
Но онаму каде X3 навистина сјае е динамичноста – насочете го големиот (и 1750 килограми тешкиот) SUV кон свиоци и ќе ве импресионира неговата подготвеност да се соочи со скоро секакви предизвици. Во ред, сепак зборуваме за голем и релативно висок теренец, но инженерите на BMW навистина знаат како „да го погодат“ чувството на возење автомобил дури и кај SUV. Управувањето е дури невообичаено прецизно (дури и на крофнестите зимски пневматици на тестираниот X3) a М Sport суспензијата одлично го елиминира навалувањето во свиоци.
Опрема? Сè што ќе посакате, па и нешто повеќе.
Обично при крајот на секој тест, зборуваме и за опремата – но во случајот на тестираниот X3 пократка би била листата на работи кои не ги имаше нашиот тестен автомобил. Навистина – нашиот тестен X3 беше богато опремен и ги имаше сите „играчки“ кои BMW ги нуди – од новиот iDrive систем со навигација, многуте сензори и камери, одличните LED светла, па сè до системот за полуавтономно возење (кој за прв пат го видовме кај Серијата 5 за време на нашето запознавање во Германија) – и верувајте, тој функционира, дури и на нашите патишта. Посебно ќе го истакнеме M Sport пакетот кој целосно го менува ликот на X3 и со себе носи грст измени на екстериерот, но и во кабината – и ние обавезно би го нарачале – бидејќи ги сакаме оние одлични спортски седишта и спортскиот управувач.
Кај X3 доминираат премиумот, компетентноста и спортскиот карактер.
Би било премногу лесно да кажеме дека BMW ја продолжува традицијата и повторно нуди компетентен и динамичен SUV – но реалноста е дека новиот X3 e токму тоа, но и многу повеќе. Новиот X3 е поголем, покомфорен, порафиниран и попривлечен. Премиум чувството едноставно доминира, а германската прецизност е неизбежна. Кога на сето тоа ќе се додаде динамичноста и компетентноста која ја очекуваме од BMW, тогаш станува јасно зошто X-гамата на баварците е навистина популарна, а X3 е толку успешен.
- Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
- Моќност: 190 коњски сили / 4000 вртежи во минута
- Вртежен момент: 400 Nm / 1750 – 2500 вртежи во минута
- Менувач: Автоматски, 8 брзини
- Максимална брзина: 213 км/час
- Забрзување 0-100: 8 секунди
- Должина: 4708 mm
- Ширина: 1891 mm (без странични ретровизори)
- Висина: 1676 mm
- Тежина: 1750 kg
- Меѓуоскино растојание: 2864 mm
- Багажен простор: 550 – 1600 литри
- Потрошувачка на 100 км: 8.3 литри (измерена, градска)
- Цена на стандардниот модел: BMW X3 xDrive 20d – 50.920 Евра
- Цена на тестираниот модел: BMW X3 xDrive 20d M-Sport – 82.830 Евра
Повеќе информации: BMW.com.mk
Фотографија: Дејан Маликовски