Корејскиот производител во Женева ќе ја претстави најновата, трета генерација на својот хечбек, кој ќе добие и ново, поедноставно име.
Апострофот во името на Cee’d ќе оди во пензија, па новиот модел ќе се вика едноставно Ceed. Од објавената скица, можеме да забележиме дека дизајнот е затегнат и модернизиран – дури детали наликуваат и на седанот Stinger.
Ceed е дизајниран во центарот на KIA во Франкфурт, Германија, а од KIA најавуваат дека во Женева ќе видиме и „втор член на Ceed семејството“. Што ќе биде тоа, не знаеме – но веќе се шпекулира дека се работи за Sportwagon изведба на Ceed.
Новиот Ceed ќе се нуди со 1-литарски турбо-бензинец со 120 коњски сили, 1.4-литарски турбо-бензинец со 140 коњски сили, како и 1.6-литарски турбодизел со 110 коњски сили. Најверојатно во понудата ќе остане и 1.4-литарскиот атмосферец кој би требало да нуди меѓу 90 и 100 коњски сили. Во гамата ќе биде додадена и хибридна верзија, а продажбата ќе започне во текот на оваа година.