ТЕСТ: Škoda Karoq 2.0 TDI 150 4×4 Style – Кога домашната задача е добро завршена… – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Škoda Karoq 2.0 TDI 150 4×4 Style – Кога домашната задача е добро завршена…

Новиот Karoq има тешка задача – треба да исполни големи очекувања, па токму затоа поминавме неколку дена со новиот SUV на Škoda кој е наследник на легендарниот Yeti!


Не може да се зборува за Karoq без да се спомене Yeti. Првиот SUV на Škoda не само што беше екстремно успешен и популарен, туку зад себе изгради своевидно култно следење кое и ден денес го прави популарен и привлечен. Токму затоа, инженерите и дизајнерите на Škoda имаа полни раце работа со наследникот на овој легендарен модел.

Karoq е многу повеќе од само „помал Kodiaq“ – има сопствен идентитет

Кога за прв пат ќе му пристапите на Karoq, ќе помислите дека е само помал Kodiaq. Но доближете се поблиску и погледнете подобро, и ќе видите дека Karoq има сопствен идентитет и сосема поинаква привлечност од големиот SUV со седум седишта на чешкиот бренд. Како и кај Kodiaq, и кај Karoq доминираат чистите, прави линии и површини, но Karoq е значително подинамичен и помладешки. Во подинамичниот лик своја улога имаат и намалените димензии во однос на Kodiaq, па благодарение на сето тоа Karoq може лесно да се издвои како засебен модел.

Да, пристапот на Škoda во однос на дизајнот секогаш бил малку конзервативен, но тоа не е замерка – особено ако се потсетиме дека токму ваквите дизајни многу полесно го издржуваат забот на времето и не изгледаат застарени за само неколку години. Околу целиот автомобил се забележуваат дискретни хромирани детали кои даваат одредена доза на рафинираност, на предниот дел најзабележителни се големите предни светла, а задниот дел го „прекршуваат“ задните светла кои имаат навистина несекојдневна и интересна тродимензионална форма.

Комфорна и практична кабина, прекрасни седишта и многу опрема

Кабината на Karoq е слична на онаа на Kodiaq, но повторно – има некои забележителни разлики. Karoq е првиот автомобил на Škoda кој ќе го добие целосно-дигиталниот панел со инструменти (за жал, нашиот тестен модел го немаше), а во целата кабина преовладува чувство на динамичност. Сигурни сме дека најголема заслуга за тоа имаа спортските седишта со кои беше опремен нашиот тестен модел – тие изгледаат како да припаѓаат кај некој спортски седан или некое супер-спортско купе. Всушност, не само што изгледаат фантастично, туку нудат и одлична странична поддршка во свиоци.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Škoda го претстави целосно-електричниот Elroq

Материјалите во кабината се воглавно квалитетни и пријатни на допир. Има некои поцврсти пластики, но се доволно ретки за да не забележуваме премногу. На централната конзола доминира големиот мултимедијален уред со навигација (и Android Auto и Apple CarPlay функционалност), кој има висока резолуција и работи навистина брзо, а може да прикаже мал милион податоци за автомобилот.

Ергономијата и прегледноста се очекувано одлични а во кабината има и неколку мали, практични додатоци кои сме навикнати да ги очекуваме кај автомобилите на Škoda – на пример, „ластичињата“ за фиксирање на дребулии  во џебовите вратите кои ќе го намалат несаканото „тропкање“ на предметите оставени во нив, или чадорот под совозачкото седиште. Задните седишта се доволно големи и комфорни за да се сместат двајца или тројца патници. На самиот крај, вреди да се напомене и багажниот простор кој лесно ќе го проголта сиот багаж кој го имате благодарение на капацитетот од 521 литар, кој нараснува на масивни 1810 литри кога ќе ги спуштите задните седишта.

Karoq одлично се снаоѓа како низ градскиот метеж, така и на отворен пат

Karoq одлично се снаоѓа низ градскиот метеж – високата седечка позиција и големите стаклени површини гарантираат задоволитена прегледност, а маневрирањето и паркирањето дополнително го олеснуваат сензорите и камерата за паркирање. На отворен пат се забележува малку зголемена бучавост при повисоки брзини од страничните ретровизори, но во ниту еден момент не е некомфорно и не треба да го повишите тонот при нормално разговарање.

Моќен 2-литарски турбодизел комбиниран со автоматски менувач и погон на сите четири тркала

Нашиот тестен модел дојде опремен со добро-познатиот 2-литарски TDI турбодизел кој испорачува 150 коњски сили од 3500 вртежи во минута и 340 Nm вртежен момент од 1750 до 3000 вртежи во минута. Овој мотор, во комбинација со DSG автоматски менувач со 7 степени на пренос и погон на сите четири тркала, му овозможува на Karoq да забрза до 100 километри на час за 8.7 секунди и да постигне максимални 197 километри на час. Погонот на сите четири тркала се вклучува кога ќе забележи дека има потреба од него – инаку, Karoq примарно е со погон на предните тркала. Низ град потрошувачката е некаде околу 8 литри на 100 изминати километри. На отворено е очекувано пониска.

Она што вреди да се истакне е динамичноста на Karoq и неговата подготвеност да се соочи со свиоци – „држењето“ на патот е импресивно, без нагласена наклонетост кон подуправување, а кога ќе „претерате“ се чувствува влијанието кое го има погонот на сите четири тркала. Инаку, суспензијата лесно ги совладува сите нерамнини од нашите улици и одлично ги „пегла“ ситните неправилности на асфалтот кои знаат да бидат проблематични за многу автомобили.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Škoda Kodiaq RS е огромен спортски семеен SUV со 265 коњски сили!

Многу, многу опрема!

Škoda секогаш била позната по богатата опременост, па таков беше случајот и со „нашиот“ Karoq. Нашиот тестен автомобил дојде со LED предни светла, старт-стоп систем, автоматски клима уред, 8-инчен мултимедијален уред со навигација, Bluetooth поврзување и мал-милион функционалности, борд-компјутер во боја, прекрасни спортски седишта, 18-инчни алуминиумски тркала, адаптивен темпомат, сензори за паркирање и паркинг камера, Canton аудио систем, систем за контрола на притисок во пневматиците, кровни шини, Off-Road пакет, и уште многу, многу, многу повеќе.

Секако, мислено е и на безбедноста, па тестниот Karoq ги имаше сите потребни системи за активна безбедност, но и цела лепеза на воздушни перничиња и завеси. За врвната безбедност сведочат одличните пет ѕвездички освоени на EuroNCAP тестирањата.

Некој навистина „загреал столче…“

Секогаш е тешко да пишуваме за автомобили за кои е тешко да се најде некаква објективна забелешка. Такви автомобили има сè повеќе, и тоа е добра работа – но Karoq се истакнува и се издигнува меѓу најдобрите. Идеалните димензии, моќниот мотор, богатата опрема и привлечниот дизајн се навистина силни аргументи. Очигледно, инженерите и дизајнерите на Škoda „згреале столче“ и одлично си ја завршиле домашната работа.

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 150 коњски сили / 3500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 340 Nm / 1750-3000 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 7 брзини
  • Максимална брзина: 197 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.7 секунди
  • Должина: 4382 mm
  • Ширина: 2025 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1603 mm
  • Тежина: 1486 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2638 mm
  • Багажен простор: 510 – 1810 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 8.0 литри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: Skoda Karoq Ambition 1.0 TSI 115 – 17.751 Еврo
  • Цена на тестираниот модел: Skoda Karoq Style 2.0 TDI 150 DSG7 4×4 – 33.414 Евра
    Повеќе информации: Skoda.mk
Поврзано:  Спортска елеганција - новиот Skoda Superb добива Sportline пакет

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.