ПРЕМИЕРА: Volkswagen во Детроит ја претстави новата Jetta – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen во Детроит ја претстави новата Jetta

Поставена на MQB платформата на Volkswagen, Jetta ветува повеќе простор, поекономични и помоќни мотори и нови технологии!


Jetta е еден од најпопуларните модели на Volkswagen во САД, па затоа германскиот производител инвестираше многу во новата, седма генерација. Благодарение на MQB платформата на која е поставена, Jetta може да се пофали не само со пониска тежина, туку и со повеќе простор, понови и поекономични мотори, модерен дизајн и сите нови технологии кои групацијата ги нуди.

Однадвор, забележуваме модерен, но резервиран дизајн – нешто што и го очекуваме од еден Volkswagen. Сепак, новата Jetta е подолга, поширока и повисока од порано, а тоа резултира со подинамичен став. Предниот дел веднаш асоцира на Volkswagen, страничните линии се остри и јасни, а на задниот дел доминираат широките светлосни групи.

Во кабината, Jetta ќе се издвои од другите автомобили „во семејството“ по дизајнот на централната конзола која е ориентирана кон возачот. Користени се поквалитетни материјали, а амбиенталното осветлување може да биде во една од 10 различни бои, па и тоа придонесува кон атмосферата во ентериерот. Секако, подобро-опремените верзии ќе го добијат и дигиталниот дисплеј кој ги заменува традиционалните, аналогни инструменти.  Меѓу напредните технологии кои Jetta ги добива, ги вбројуваме и автоматското сопирање, адаптивниот темпомат, следење на слепата точка, следење на коловозната лента и многу, многу други.

Во САД, основна погонска единица ќе биде 1.4-литарскиот TSI со 150 коњски сили, и ќе може да се комбинира со 6-степен мануелен или 8-степен автоматски менувач. Европската премиера на Jetta се очекува во Женева на почетокот на Март, и тогаш ќе ги дознаеме моторите кои ќе се вградуваат во автомобилите наменети за стариот континент.

Поврзано:  Пристигна новиот Volkswagen Passat!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.