Новата Fiesta е еден од најважните автомобили на Ford, а ние поминавме неколку дена токму со компактниот хечбек опремен со супер-економичен 1.5-литарски турбодизел.
Fiesta припаѓа во навистина компетитивен сегмент – ако автомобилите кои се класа поголеми ја имаа својата „револуција“ пред неколку години, сега овој чекор напред го доживува токму сегментот во кој припаѓа компактниот хечбек на Ford. Автомобилите во овој сегмент станаа поголеми, помодерни, подобро опремени и со многу хај-тек опрема – а тоа значи дека за било кој модел да може да се носи рамо до рамо со најдобрите, треба да биде навистина добар.
Така некако започнува приказната со Ford Fiesta. Кога минатата година го имавме првиот контакт со новата Fiesta во Шпанија останавме позитивно импресионирани од созреаниот карактер на германскиот хечбек – Fiesta не само што е поголема, туку е и значително порафинирана, позрела – посериозна, ако сакате.
Дизајнот одлично ја дефинира новата Fiesta
Дизајнот е – ако може да се каже така – пораснат. Слушнаме секакви коментари, но по неколку дена – кога ќе ви легне – го разбирате. Линиите се чисти и веднаш се препознава дека е Fiesta – не само по остриот лик, туку и по формата на автомобилот. Чистите и јасно-дефинирани површини се правилото кога станува збор за Fiesta – нема непотребни линии и детали, нема непотребен „накит“ кој само ќе изгледа кичесто за неколку години – Fiesta Titanium е баш она што треба да биде – зрел и привлечен автомобил, со сосем доволно младешки дух.
Особено ни се допаѓа како е изведен задниот дел – за прв пат во поновата историја Fiesta добива хоризонтални светлосни групи – кои пак јасно ја истакнуваат врската со другите модели на Ford.
Значителна еволуција и во кабината
Сепак, можеби најзначајната еволуција на Fiesta се забележува во ентериерот – седнете во Fiesta од минатата генерација и веднаш ќе ја препознете трансформацијата. Новиот автомобил има далеку поквалитетна кабина од оној кој го заменува. Да не се разбереме погрешно – не е дека старата Fiesta имаше лош ентериер, но сепак тој модел потекнуваше од друго време – новиот автомобил треба да се бори со значително посериозна конкуренција, па дизајнерите и инженерите на Ford едноставно не смееле да потфрлат. Скоро сè што ќе допрете е покриено со квалитетни материјали кои се пријатни на допир, а ергономијата и прегледноста се меѓу најдобрите во класата.
Особено ни се допаднаа комфорните седишта кои не само што изгледаат одлично, туку нудат и одлична поддршка, а управувачот и менувачот се обложени со мека и квалитетна кожа. Сите команди се лесно-разбирливи, а посебен акцент даваме на мултимедијалниот уред кој иако контролира многу функции во автомобилот, сепак не ја прави грешката која ја прават некои други производители, и контролите за клима уредот се засебни. Во нашите очи, ништо не може да замени класични контроли, за кои не морате да го тргате погледот од патот.
Повеќе простор има и на задната клупа – комфорно ќе се сместат двајца патници, кои ќе имаат доволно простор како за главите, така и за колената. Во ред, не смееме да заборавиме во која класа припаѓа Fiesta – ова не е гоооолем седан – но сепак, понудата на простор е завидна. Отворете го багажникот и ќе добиете капацитет од 292 литри кои нараснуваат на 1093 литри кога ќе ги спуштите задните седишта.
Економичен 1.5-литарски турбодизел кој е идеално впарен со 6-степен менувач
Нашиот тестен модел дојде опремен со 1.5-литарски TDCi турбодизел кој се комбинира со 6-степен мануелен менувач. Вреди веднаш да се напомене дека оваа комбинација се покажува како идеална – новиот менувач е огромен чекор напред во однос на 5-брзинскиот кој се вградуваше во постарите генерации – не само што е прецизен и лесен за користење, туку и односот на брзините е идеално погоден за лесно возење како низ град, така и на отворен пат.
Според нашите мерења, оваа комбинација се покажува и како економична – за време на тестирањето измеривме просечна градска потрошувачка која не надмина 6 литри на 100 километри. Во ред, таа секако може да порасне – но бидете внимателни со педалата за гас и пријатно ќе ве изненади математиката кога ќе дојде време да точите гориво. Ниту перформансите кои се резултат на 85-те коњски сили и 215-те Nm вртежен момент не се за занемарување – 100 километри на час пристигнуваат за 12.5 секунди а максималната брзина е 175 километри на час – но многу поуверливо е меѓузабрзувањето кое вртежниот момент го нуди.
Fiesta повторно е најуправливиот компактен хечбек
Онаму каде Fiesta продолжува да биде најдобра е управливоста – едноставно, инженерите на Ford прават некоја магија и Fiesta е најзабавниот автомобил во класата. Насочете ја кон свиоци и таа верно, без приговор ќе ја следи секоја инструкција. Управувањето е директно и прецизно, менувачот е со краток од а суспензијата ги рафинира неправилностите од подлогата без притоа тоа да резултира со навалување во свиоци и недоверливост. Како што рековме, инженерите на Ford прават некоја магија – но сега отишле чекор понатаму, па Fiesta е исклучително комфорна и при крстосување на повисоки брзини (нешто што ние *кхм*никогаш*кхм* не го правиме) – во кабината е исклучително тивко и лесно се разговара со сопатниците.
Titanium значи многу опрема!
Titanium-ознаката на Ford секогаш значела многу опрема – па така е и сега. Ќе добиете алуминиумски фелни, сензори за паркирање, одличниот SYNC 3 мултимедијален уред со можност за Bluetooth поврзување, клима уред, електрично задвижување на сите прозорци, грст безбедносни системи и воздушни перничиња, LED дневни светла и LED задни светла, темпомат, и уште многу, многу други ситници. Навистина немаме замерка за опременоста.
Всушност – навистина немаме замерка за Fiesta. Компактниот хечбек продолжува да ни биде еден од омилените автомобили во класата – врвната динамичност која сега се комбинира со исклучително рафинирана кабина и богата опрема ја прави Fiesta попривлечна од било кога – а кога на тоа ќе се додаде еден од моќните EcoBoost турбо-бензински или TDCi турбодизел мотори – тогаш станува јасно зошто Fiesta е заслужено меѓу најдобрите!
- Мотор: 1.5-литарски турбодизел, 4 цилиндри
- Моќност: 85 коњски сили / 3750 вртежи во минута
- Вртежен момент: 215 Nm / 1750-2500 вртежи во минута
- Менувач: Рачен, 6 брзини
- Максимална брзина: 175 км/час
- Забрзување 0-100: 12.5 секунди
- Должина: 4040 mm
- Ширина: 1941 mm
- Висина: 1476 mm
- Тежина: 1088 kg
- Меѓуоскино растојание: 2493 mm
- Багажен простор: 292 – 1093 литри
- Потрошувачка на 100 км: 5.8 литри (измерена, градска)
- Цена на основниот модел: Ford Fiesta 1.1 Trend – 13.000 Евра
- Цена на тестираниот модел: Ford Fiesta 1.5 TDCi 85 Titanium – 16.600 Евра
Повеќе информации: Ford.mk
Фотографија: Дејан Маликовски