За време на лансирањето на новото Polo GTI, Martin Hube од Volkswagen изјавил дека компанијата веќе има прототип за Arteon R кој има околу 400 коњски сили!
Во разговор со колегите од Car Throttle, портпаролот на Volkswagen – Martin Hube – изјавил дека германската компанија веќе подготвува прототип за Arteon R. Автомобилот најверојатно ќе биде придвижуван од 3-литарски твин-турбо VR6 бензинец кој ќе испорачува околу 400 коњски сили кон сите четири тркала.
„Убеден сум дека оваа комбинација е екстрено добра – го комбиниравме со најновата генерација на Haldex погонот на сите четири тркала. Тука можете да испровоцирате и малку надуправување – ова е агилен, моќен автомобил.“ – изјавил Hube.
Интересно е што Hube додал дека би очекувале подобри перформанси и од некои верзии на Porsche Panamera – што и не е баш најизненадувачки – основната Panamera користи 3-литарски турбо V6 кој испорачува 325 коњски сили, а не смееме да заборавиме дека Panamera е значително поголем и потежок автомобил.
Останува да бидеме трпеливи и да видиме колку ова ќе резултира со вистински Arteon R, но со оглед на тоа дека R-дивизијата на Volkswagen зема замав – веќе е помалку или повеќе потврдено дека ќе добиеме Tiguan R – воопшто не би биле изненадени доколку во следната година видиме премиера на врвен Arteon. Според најавеното, GTI значката ќе остане резервирана за Golf, Polo и малиот Up.