Големиот Discovery е меѓу најталентираните теренци на светот – автомобилот кој лесно совладува терени од Арктикот до Антарктикот и од Америките до Австралија ни беше неколкуневен сопатник.
Land Rover Discovery наскоро ќе полни 30 години – и низ четири генерации еволуираше од утилитарен, но способен теренец во луксузен, компетентен автомобил кој подеднакво се справува со асфалтот и теренските предизвици. Сега, со најновата, петта генерација Land Rover сака да го издигне Dicovery кон нови рамништа – па дури да преземе и дел од купувачите на луксузниот Range Rover!
Новиот Discovery е навистина нов!
Новата, петта генерација на Discovery е навистина нова – своето деби го доживеа во Септември минатата година, а во салоните пристигна на почетокот на оваа година. Покрај свежиот дизајн, го карактеризираат и нови мотори во комбинација со нови технологии и поинаков, малку помодерен пристап кон нештата.
Визуелно, новиот Discovery e значителен исчекор од дизајнот на минатата генерација. Заминаа острите рабови и рамните агли – новиот Discovery го дефинираат мазни површини и пофлуидни линии. Всушност, подзамижете и во дизајнот на Discovery покрај елементи од помалиот Discovery Sport, ќе препознаете и детали од супер-луксузниот Velar, како и докажаните Range Rover и Range Rover Sport.
Предниот дел изгледа гордо и достоинствено, додека задниот дел е малку поавантгарден. Сепак, убедливо најинтересно ни изгледа страничната линија и „засечениот“ Ц-столб кој на големиот теренец му дава карактеристична и лесно препознатлива силуета. За време на неколкудневното тестирање добивме како позитивни, така и негативни коментари – но во нашите очи Discovery изгледа токму онака како што ваков британски теренец со сина крв би требало да изгледа – достоинствено и резервирано, без притоа да изгледа старомодно.
Висока, командна возачка позиција и многу простор во кабината
Отворете ја вратата, качете се во кабината и ќе ве пречека ентериер кој ја следи истата филозофија како и ентериерот – јасно дефинирани линии и површини и одлична ергономија, со оглед на димензиите како на Discovery, така и неговата кабина. Веднаш штом ќе седнете во Discovery ќе добиете чувство на благодорност – се седи високо, имате „командна“ седечка позиција и „обичните смртници“ ги гледате таму некаде далеку под вас.
За волја на вистината, некои од материјалите би можеле да бидат подобри – особено некои од пластиките, и очекувавме кожен ентериер – но дури и обичните седишта се максимално комфорни – како да седиме во големи фотелји. Големиот централен гребен меѓу седиштата јасно ги издвојува возачот и совозачот, а во него е сместен голем простор за одлагање ситници. Кабината е практична – сите команди се лесно-препознатливи и лесни за користење – единствено мултимедијалниот уред на моменти знае да биде малку поспор во однос на она што конкурентите го нудат. Особено ни се допаѓа „кружниот“ менувач кој се вградува во моделите на Jaguar и Land Rover – едноставно е различен и кул.
Приказната за многу, многу простор продолжува и на задната клупа. Патниците ќе имаат многу простор – како за нозете, така и за главите, како и доволно светлина благодарение на делумно-стаклениот кров. Багажникот може да се опише само како пештерски – од 1137 литри во конфигурација со пет седишта, односно 2406 литри доколку седиштата се спуштени. Discovery може да се нарача и со седум седишта, и во таа конфигурација има 228 литри багажен простор доколку сите три реда седишта се исправени.
Започнуваме да се движиме – и неизбежно е чувството дека ова е голем автомобил. Да беше црвен, можеби некој ќе помислеше дека е двоспратен автобус. Големината го прави малку непрактичен низ град, но маневрирањето и паркирањето го олеснуваат како високата седечка позиција и задоволителната прегледност, така и паркинг сензорите (кои едноставно морате да ги имате). Нашиот модел дојде опремен со прилагодлива воздушна суспензија, па големиот теренец едноставно лебди преку нерамнините, без разлика на нивната големина. Секако, од Discovery не можете и не смеете да очекувате спортски перформанси – ова е рафиниран теренец, пред сè.
Неприкосновени теренски таленти
Насочете го Discovery кон неасфалтирани предели и веднаш доаѓаат до израз неговите вистински таленти. Веќе-споменатата воздушна суспензија се прилагодува на неколку различни висини – па имате Access Height – кога Discovery е блиску до подлогата и влегувањето и излегувањето е значително полесно (нешто што се покажа како особено практично за моите постари родители), Normal Height, кога Discovery е на неговата нормална висина, и Off-Road Height кога Discovery е за 20 сантиметри подалеку од подлогата и може да совлада поекстремни терени.
Теренското возење скоро и да не е никаков предизвик за големиот теренец. Најдовме една мала теренска патека и Discovery лесно ги совлада сите предизвици. Компјутерите си „ја бркаат работата“ и ја дистрибуираат силата онаму каде е најпотреба за да се постигне идеална тракција и никаде да не „заглавиме“. Едноставно насочете го Discovery онаму каде сакате да одите, врзете го појасот и подгответе се за авантура – дури и низ вода длабока до 900 милиметри!
2-литарскиот Sd4 турбодизел со 240 коњски сили е изненадувачки адекватен
Нашиот Discovery го придвижуваше новиот 2-литарски Sd4 турбодизел на Jaguar Land Rover кој во оваа конфигурација испорачува одлични 240 коњски сили и 500 Nm вртежен момент. Силата се испорачува преку автоматски менувач кон сите четири тркала. Забрзувањето до 100 километри на час трае 8.3 секунди, а максималната брзина е 207 километри на час. За оние кои сакаат повеќе, тука е 3-литарскиот турбодизел со 258 коњски сили и 600 Nm вртежен момент, но разликата во перформанси е занемарлива.
Новиот Ingenium турбодизел сосем задоволително ја задвижува големата и тешка каросерија – всушност, за автомобил кој тежи 2.1 тон и е далеку од аеродинамичен, перформансите се сосем задоволителни, а потрошувачката се движи некаде околу 10 литри дизел гориво на 100 километри.
Секако – бидејќи се работи за премиум автомобил, ниту на опремата, ниту на безбедноста не е „штедено“ – па нашиот тестен модел покрај многуте други ситници, дојде и со одличната воздушна суспензија и многу, многу други додатоци. За безбедноста не мораме премногу да зборуваме – тука доволно зборуваат петте ѕвездички на EuroNCAP.
Наследството на Discovery наметнува тој да биде меѓу најдобрите.
Големиот Land Rover Discovery ја продолжува традицијата на брендот – да нуди големи, комфорни и компетентни возила кои ги надминуваат сите предизвици. Дизајнот е голем чекор напред, и можеби нема да биде по сечиј вкус, но не може да се игнорира победничкиот пристап на Британците. Discovery има свое наследство и своја историја која едноставно му наметнува да биде меѓу најдобрите.
- Мотор: 2-литарски турбо-дизел, 4 цилиндри
- Менувач: Автоматски, 8 брзини
- Моќност: 240 коњски сили / 4000 вртежи во минута
- Вртежен момент: 500 Nm / 1500 вртежи во минута
- Максимална брзина: 207 км/час
- Забрзување 0-100: 8.3 секунди
- Должина: 4970 mm
- Ширина: 2220 mm (Со страничните ретровизори)
- Висина: 1846 mm (варијабилна)
- Тежина: 2109 килограми
- Меѓуоскино растојание: 2923 mm
- Багажен простор: 1137 – 2406 литри
- Потрошувачка: 10.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
- Цена на тестираниот модел: Land Rover Discovery Sd4 SE – 83.700 Евра
Повеќе информации: Landrover.com
Фотографија: Дејан Маликовски