Opel целосно ќе се интегрира во PSA – претставена PACE! програмата – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Opel целосно ќе се интегрира во PSA – претставена PACE! програмата

Челниците на Opel конечно ја дефинираа иднината на брендот – германскиот бренд побрзо ќе се интегрира во PSA и ќе инвестира во електрификација на својата гама.


Стратегијата на Opel е да се врати кон профитабилноста и да обезбеди одржлива иднина  – а начинот да се постигне тоа е подлабока интеграција во структурите и платформите на PSA, но и електрификација на целата гама. Целта е едноставна – PSA сака да го направи Opel профитабилен што е можно поскоро – германскиот бренд континуирано пријавува загуби од 1999.

Според најавеното, Opel целосно ќе се префрли на платформи на PSA четири години порано од планираното. Тоа значи дека Opel забрзано ќе ги отфрли платформите (и најверојатно и моторите) кои се останати од времето на GM, и ќе понуди нови модели изградени врз платформи од PSA. Веќе е најавено дека низ целата гама на продукти на PSA и Opel ќе се користат само две модуларни платформи – наместо вкупно девет платформи кои сега се користат во двете компании. Ќе се намали и бројката на различни моторни фамилии – наместо досегашните 10, ќе се развиваат само четири различни мотори.

Дополнително, луѓето од Opel најавуваат дека сите модели ќе нудат електрифицирана верзија до 2024-тата година – и ветуваат дека ќе понудат класични хибриди или плаг-ин хибриди покрај секој традиционален мотор со внатрешно согорување. Планот е до 2020-тата година да бидат лансирани девет нови модели, меѓу кои четири ќе бидат електрифицирани – но ова не е преголемо изненадување, бидејќи PSA веќе најави свои хибридни модели кои ќе бидат ребрендирани и понудени како Opel (што е и случајот со Crossland X и Grandland X). На заедничка платформа ќе биде и новата Corsa, а веќе се планира уште еден SUV. Според официјалните најави од PSA, Opel ќе биде препознатлив и примамлив благодарение на дизајнот.

Меѓу останатите мерки, Opel ќе биде покомпетитивен со тоа што ќеј ја намали цената за производство на секој автомобил за 700 евра, и точката на „позитивна нула“ ќе биде намалена на 800.000 возила годишно. Во моментов се разговара за доброволни заминувања од компанијата, рано пензионирање и намалување на работните часови со цел да се избегнат директни отпуштања на работници. Компанијата планира да влезе на 20 нови пазари до 2о22-рата година – а меѓу најважните пазари кои се споменуваат се Кина и Бразил.

Поврзано:  ТЕСТ: Opel Corsa 1.2 Hybrid eDCT6 Edition - Надградена и помодерна Corsa

Погоните во Риселхајм ќе бидат еден од најважните центари за развој на PSA и Opel, и желбата на челниците на Opel, но и новите газди од PSA е компанијата да биде трансформирана во одржлив, профитабилен, електрифициран и глобален бренд. Сега за сега не се шпекулира за можно згаснување на одредени модели, но според познавачите веќе е извесно дека наследници нема да добијат Opel Karl, Cascada и уште неколку автомобили.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.