Официјално: Новиот BMW M3 CS – повеќе сила, помала тежина, лимитирано производство! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Новиот BMW M3 CS – повеќе сила, помала тежина, лимитирано производство!

Баварскиот производител претстави нова лимитирана серија од само 1200 примероци од BMW M3, која доаѓа со 453 коњски сили и 50 килограми помала тежина – и ќе ја носи ознаката CS!

Бидејќи конкуренцијата во оваа класа од ден на ден станува сè пожестока, BMW создаде нова пофокусирана CS изведба од популарниот M3. Срцето на моделот – 3.0-литарскиот реден шест-цилидарски мотор со 453 кс и 600 Nm сега испорачува 28 кс и 10 проценти поголем вртежен момент од стандардната изведба. Оваа надградба му овозможува на моделот да забрза од 0-100 км/ч за само 3.7 секунди кон електронски ограничената максимална брзина од 280 км/ч.

Целата сила се испорачува кон тркалата преку седум-степен менувач со двојна спојка, кој е усогласен со електронски-контролиран Active M диференцијал со ограничено пролизгување. За пожестока нота на звукот, додаден е спортски издувен систем со четири издувни цевки и вентили за контролирање на гласноста, која се селектира преку разните режими на возење.

Моделот вози на лесни ковани алуминиумски фелни инспирирани од M4 тркачките модели, кои се натпреваруваат во DTM шампионатот. Обоени во стандардна Orbit Grey Matt боја, фелните доаѓаат обвиени во Michelin Pilot Super Sport пневматици со профил 265/35 R19 на предната и 285/30 R20 на задната оска.

M3 CS добива повеќе измени на екстериерот. Тука е поскулптуриран поклопец на моторот, црни „бубрежиња“ до кои се наоѓаат затемнети LED предни светла, нов преден сплитер и изменет заден спојлер на багажникот.

Кабината е исто така спортски уредена во двобојна сиво/црна кожа и алкантара. Вметнати се и спортски седишта и волан од M3 Competition пакетот, а исто така додадени се голем број на „CS“ ознаки во ентериерот.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.