Koenigsegg Agera RS постигна просечна брзина од 444.6 км/ч во текот на двете возења кои беа направени во спротивни насоки според барањата на Guinness.
Обидот за нов рекорд беше направен во Pahrump, Nevada, додека храброста за истиснување на целата сила на ова „чудовиште” од позади воланот ја имаше фабричкиот возач на Koenigsegg – Никлас Лилја. Откако пред малку повеќе од еден месец Koenigsegg го срушија рекордот на Chiron во забрзување и стопирање од 0-400-0 км/ч, тие повторно преземаа уште еден рекорд кој го држеше Bugatti. Интересен факт е и тоа дека во едниот обид хиперавтомобилот успеа да постигне брзина од дури 457 км/ч.
Agera RS користи 5.0-литарски V8 битурбо мотор кој развива масивни 1360 коњски сили и 1371 Nm вртежен момент. Благодарение на нeговата ниска тежина од 1,295 килограми, хиперавтомобилот беше способен да го комплетира споменатото забрзување и стопирање од 0-400-0 км/ч за само 36.44 секунди, за кое на Chiron му беа потребни дополнителни 5 и пол секунди.
Претходниот рекорд за максимална брзина од 431 км/ч го постави Veyron Super Sport во рацете на официјалниот тест возач на Bugatti – Пјер Хенри Рафаел на тест патеката на Volkswagen групацијата Ehra-Lessien.