ТЕСТ: Peugeot 308 1.6 BlueHDI 100 Active – Ако не е расипано, не го поправај! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 308 1.6 BlueHDI 100 Active – Ако не е расипано, не го поправај!

Францускиот производител неодамна го освежи добро-познатиот 308 – му даде нов лик и неколку нови технологии – а ние имавме можност да поминеме неколку дена токму со фејслифтираниот хечбек!


Peugeot 308 ни е добро познат автомобил – веќе во неколку наврати имавме можност да поминеме по неколку дена со него – прво кога автомобилот пристигна, а потоа и во подобро-опремена верзија. Секогаш сме биле искрени – тековната генерација на 308 навистина ни се допаѓа – од рафинираниот и созреан дизајн, преку несекојдневната и минималистичка кабина, па сè до комфорот, практичноста и економичните мотори – франуцскиот хечбек ни е меѓу омилените во класата. Сето ова беше одлична причина повторно да му посветиме малку внимание на 308 и да видиме што носи со себе освежувањето.

Визуелните измени не се екстремни, но се доволни да го подмладат 308

Ајде да почнеме со визуелните новитети. Веднаш ќе препознаете редизајнирана предница, со поголеми отвори за воздух и понакосено-поставени предни светла. Благодарение на ова, предницата изгледа подинамично и поспортски, а и се забележува дека 308 презема дизајнерски детали од поголемите 3008 и 5008 – особено во пределот на маската на ладилникот.

Страничните линии остануваат очекувано исти, додека на задната страна ќе препозанате редизајниран заден браник и задни светлосни групи со поинтересна, уште потридимензионална графика. Сè на сè – измените не се револуционерни, но се доволни да го одржат 308 „млад“ и конкурентен.

Комфорна и минималистичка кабина со различен пристап кон нештата

Слична е приказната и во кабината – повторно добиваме просторна, функционална и комфорна кабина, но со наместа подобрени материјали и за нијанса освежени инструменти. Повторно вниманието го привлекува малиот управувач (кој или многу ќе ви се допадне, или воопшто – нам одлично ни „легна“) и како и досега, во ентериерот доминираат минимализмот и едноставниот пристап кон нештата.

Поврзано:  Peugeot E-3008 и E-5008 добиваат Long Range изведба и поминуваат до 700 километри со едно полнење

Инструментите се јасни и во погледот на возачот доаѓаат „над“ управувачот (и стрелката од мерачот на вртежи се врти во обратна насока), а на централната конзола доминира мултимедијалниот уред преку кој се контролираат сите функционалности на автомобилот – од радиото, па сè до клима уредот и нагодувањата околу автомобилот. Некому ќе се допадне ова, некому не, но мораме да признаеме дека кабината изгледа привлечно и модерно.

Секако, Peugeot 308 продолжува да нуди доволно простор и на задната клупа, и сè уште е еден од најдарежливите автомобили во класата кога станува збор за багажниот простор – на располагање имате 470 литри за „товарење“

Peugeot 308 лебди над нерамнините

Сепак, Peugeot 308 е можеби најубедлив меѓу конкурентите кога ќе дојде ред да зборуваме за комфорот. Типично-францускиот пристап кон нештата тука е најочигледен – 308 едноставно „лебди“ над нерамнините и како резултат на тоа во кабината е комфорно и без никакви несакани вибрации.

Наклонетоста на 308 да се навалува малку повеќе во свиоци од своите конкуренти останува, но сепак францускиот хечбек нуди скоро-идеална комбинација на комфор и динамичност. Единствено ќе забележиме на подолгиот од на рачката од менувачот, но и на тоа се навикнавме по само неколку поминати километри.

Добро-познат економичен турбодизел со 100 коњски сили

Не смееме да го заборавиме ниту 1.6-литарскиот BlueHDI турбодизел. Ова не ни е непознат мотор – добро го познаваме францускиот турбодизел кој нуди 100 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 254 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Сосем лесно ја придвижува каросеријата и му овозможува на 308 да постигне 100 километри на час за 11.3 секунди и максимални 186 километри на час.

Поврзано:  ТЕСТ: Peugeot 3008 1.2 MHEV 136 GT - Поинаков SUV.

Сето ова резултира со градска потрошувачка која скоро незабележително ја надминува границата од 6 литри дизел гориво на 100 изминати километри.

Сета опрема која навистина ви треба!

Инаку, Active нивото на опрема значи дека ќе добиете цела лепеза на безбедносни системи и сите нивни акроними, електрично задвижување на сите прозорци, темпомат, клима уред, централна брава, борд-компјутер, алуминиумски фелни, 9.7-инчен мултимедијален уред со Bluetooth поврзување, автоматски светла, помош за стартување на нагорнини и уште многу, многу други детали и ситници. Секако, доколку сакате повеќе – тука е и највисокото ниво на опрема кое се нарекува Allure.

Пристапот е добро познат – ако нешто не е расипано, не треба да се поправа!

Очигледно е дека инженерите и дизајнерите на Peugeot го усвоиле „ако не е расипано, не го поправај“ пристапот при освежувањето на 308. Освежениот лик, одличниот комфор и практичноста го прават 308 еден од најпривлечните автомобили во класата, а економичниот турбодизел е само уште аргумент плус. Без сомнеж, позрелиот пристап кон нештата одлично му прилега на францускиот хечбек!

  • Мотор: 1.6-литарски турбо-дизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 100 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 224 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 186 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.3 секунди
  • Должина: 4476 mm
  • Ширина: 1815 mm
  • Висина: 1498 mm
  • Тежина: 1160 килограми
  • Меѓуоскино растојание: 2608 mm
  • Багажен простор: 470 литри
  • Потрошувачка: 6.2 литри на 100 километри (измерена, градска) 5.2 литри на 100 км (официјална, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Peugeot 308 1.6 HDI 100 Active – 16.990 Евра
    Повеќе информации: Peugeot.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.