Mercedes-Benz Star Experience повторно во Скопје – славиме 50 години AMG! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mercedes-Benz Star Experience повторно во Скопје – славиме 50 години AMG!

Mercedes-AMG прави европска турнеја за да го прослави 50-тиот роденден, а дел од прославата е и Македонија каде посебно внимание имаа токму моделите на тјунинг-дивизијата на Mercedes-Benz!

На посебен полигон поставен на паркинг-просторот на аеродромот „Александар Велики“ близу Скопје, најновите модели на Mercedes-AMG беа изложени и достапни за подобро запознавање. Екипата за логистика на Mercedes-AMG за само 24 часа од пристигнувањето во Македонија, успеа да подигне мини зграда со неколку дополнителни објекти и реквизити за изведување на вежбите на полигонот.

Како гости на настанот, имавме одлична можност самите да се запознаеемет со најнапредните системи на Mercedes-Benz, односно преку теоретски и практични вежби да дознаеме повеќе за безбедното и ефикасно возење, како и врвните уреди кои овозможуваат полусамостојно управување на возилото. Ни беа демонстрирани најновите безбедносни системи кои се вградуваат во знаменосецот S-Class, но и во новата E-Class, сето тоа под надзор на подготвените инструктори од Mercedes-AMG, но посебно внимание имаа токму моделите на тјунинг-дивизијата на Mercedes-Benz.

Меѓу другото, достапни ни беа Mercedes-AMG E63, C43, E43, GLA 45, GLC Coupe 45, а изложен беше и монструозен AMG GT C 50th Anniversary Edition кој за жал не беше достапен за возење. Сепак, одлична шанса да се седне зад воланот на другите модели на AMG и да се искуси карактерот на германските мускулести автомобили. Особено импресивен е Mercedes-AMG E63 и неговите 570 коњски сили кои јасно и гласно го најавуваат своето присуство. Сепак, меѓу најинтересните модели ни беше Mercedes-AMG C43 во караванска изведба кој располага со 370 коњски сили – неколку пати сме напоменале – караваните се едноставно кул!

Моделите на Mercedes-AMG се задвижувани од мотори кои се рачно составувани, возилата можат да чинат и по неколку стотици илјади евра, а нивните сопственици се различни успешни луѓе од светот, бизнисмени, шеици и кралеви, музичари, глумци и други јавни личности, но сите ги поврзува една заедничка работа – страст кон спортските перформанси на автомобилите.

Поврзано:  Brabus 1000 All Grey е сив Mercedes со 1000 коњски сили

Приказната за AMG почнува пред 50-тина години, во гаражата на еден инженер кој работи во фабриката во Mercedes. Тој заедно со неговиот колега имаат задача да го подготват моделот 300 SЕ за учество на германското првенство во автомобилски трки. Тркачкиот модел бил толку успешен што дури 10 пати го освојувал првото место, а овие двајца инженери кои биле вистински вљубеници во автомобилите почнале да го живеат својот сон. Неколку години подоцна во 1967 година формираат сопствена фирма под името AMG, која ги носи првите букви на нивните презимиња, Aufrecht и Melcher. Буквата G во името го означува родниот град на Aufrecht – Großaspach.

Денес, малата компанија AMG која почна од една гаража, прерасна во глобален бренд со најголема продажба меѓу премиум спортските автомобили. Денес, AMG е во сопственост на Daimler AG и ги произведува најуспешните автомобилски мотори во светот, кои неколку години по ред е на врвот на трките во Формула 1.

Среќен роденден AMG!

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.