ТЕСТ: Alfa Romeo Stelvio 2.0 280 Q4 Launch – Ако Ferrari правеше SUV… – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Alfa Romeo Stelvio 2.0 280 Q4 Launch – Ако Ferrari правеше SUV…

Поминавме неколку дена со првиот SUV на Alfa Romeo – новиот Stelvio, опремен со 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 280 коњски сили кон сите четири тркала!

Во ред, можеби споредбата со Ferrari е опасно блиску до прехрабра, но дозволете да објасниме…

Alfa Romeo е на вистинскиот пат. По неколкугодишно стагнирање, легендарниот италијански производител започна полека но сигурно да ја проширува својата гама – и по одличната Giulia (која ние веќе ја возевме), ред е да го добиеме она што е најтренди во моментов – а тоа е секако, SUV. Базиран на истата платформа со Giulia, Stelvio не само што ги дели механичките делови со својата сестра, туку добива и сличен ентериер и дизајн кој очигледно влече инспирација од спортскиот седан.

Поларизирачки, но несекојдневен и храбар дизајн.

Кога за прв пат ќе го здогледате Stelvio, првата работа која ќе ја забележите е неговата големина. Иако Stelvio е SUV со средна големина, сепак при првиот контакт изгледа голем. За да ви објасниме колку е навистина голем – нашиот тестен автомобил е поставен на 20-инчни тркала со соодветно-големи пневматици –  и тие изгледаат некако.. мали? Во ред, можеби не мали, но сепак каросеријата изгледа како комфорно да „трпи“ уште број-два поголеми тркала. Ќе ги забележите и дизајнерските детали кои како да се директно преземени од Giulia – зборуваме за предните светла и отворите за воздух, секако, како и страничните карактерни линии. Карактерните линии завршуваат во задните врати – детал кој го прави задниот дел да изгледа привлечно и чисто. Особено ни се допаѓаат задните светла и голеееемите завршетоци на издувниот систем.

Сè на сè, дизајнот на Stelvio е подеднакво контраверзен како оној на Giulia – некому ќе се допадне, некому не. Страстните Алфисти ќе го бранат без оглед на сè, а и ние признаваме дека несекојдневноста го прави привлечен. Ние само би ја избегнале црната боја и би одбрале или црвена или можеби некоја сива боја – црната боја ги „сокрива“ линиите и дизајнерските елементи.

Ентериер сличен на оној во Giulia

Одиме понатаму и ја отвараме возачката врата. Нè пречекува ентериер кој е скоро ист како оној кај Giulia – а тоа значи дека има прилично едноставен, но привлечен дизајн. Она што веднаш се забележува е дека завршната обработка е подобра од онаа кај седанот, а и некои од материјалите делуваат поквалитетни. Седењето не е толку ниско како кај седанот – што и може да се очекува – но е доволно ниско за еден SUV.

Инаку, возачката позиција е скоро идеална, управувачот е одлично димензиониран и иако ергономијата има некои ситни „промашувања“, ова е комфорно и привлечно место за седење. Предните седишта се привлечни и комфорни, но би сакале нијанса повеќе странична поддршка на долниот дел. Управувачот одлично „лежи“, а особено секси се алуминиумските лопатки од автоматскиот менувач кои остануваат фиксни кога го вртите воланот!

На задната клупа (очекувано) има навистина доволно простор и за двајца патници ќе биде одлично. Доколку сакате да пренесете тројца на задната клупа – возможно е, но релативно високиот централен тунел за преносот кон задните тркала ќе му смета на патникот во средина. На располагање ќе имате 525 литри багажен простор, достапни преку прилично голем отвор на багажникот, а скоро и да нема никаков раб за префрлање па внесувањето на било какви предмети ќе биде лесно. Интересно и практично – под подот на багажниот простор има неколку одделни „парцели“ за складирање на поситни предмети, за да не ви се тркалаат низ багажникот.

Чувството зад управувачот е сосем различно од било што друго во класата

Но она што го прави Stelvio различен од неговите конкуренти е чувството кое го нуди зад управувачот – и токму тука доаѓаме до нашата (признаваме, признаваме, храбра) споредба со Ferrari. Возете го Stelvio како било кој SUV и тој не се истакнува премногу. Но префрлете го селекторот за режим на возење во D, управувачот во мануелен режим на работа, насочете го Stelvio кон свиоци и ќе бидете повеќе од позитивно изненадени – голем и висок SUV не би требало да може да ја смени насоката на движење волку лесно! Управувањето е директно и брзо, и Stelvio е подготвен да покорува свиоци подобро од скоро било кој друг SUV. Бидејќи погонот е кон сите четири тркала, Stelvio не е наклонет ниту кон подуправување, ниту кон надуправување – едноставно, верно ги следи вашите наредби.

Во ред, оваа динамичност си има цена – па Stelvio не е најкомфорниот SUV меѓу своите конкуренти – но не ни треба да биде. Да не се разбереме погрешно – Stelvio не е некомфорен SUV, и ова е цена која ние сме подготвени да ја платиме за да ја добиеме онаа динамичност за која зборувавме.

280 турбо-бензински коњски сили во SUV?

Сега можеме да зборуваме и за моторот. Одличниот 2-литарски турбо-бензинец кој го носеше нашиот тестен автомобил испорачува 280 коњски сили при 5250 вртежи во минута и 400 Nm вртежен момент од 2250 вртежи во минута. Благодарение на 8-брзинскиот автоматски менувач и погонот на сите четири тркала, овој мотор е сосем доволен да го „лансира“ Stelvio до 100 километри на час за само 5.7 секунди и да му овозможи да забрзува до максимални 230 километри на час.

Моторот и менувачот соработуваат скоро идеално, и доколку ги оставите самите „да си бркаат работа“ во нормален режим на работа нема ни да приметите кога менувачот менува во повисок или понизок степен на пренос. Но побарајте спортски перформанси и Stelvio е подготвен да ви испорача „удар во грбот“ и привлечен бас-бум при менување во повисок степен на пренос. Сето ова е придружено од привлечен, но релативно пригушен звук.

Цената која треба да се плати за овој мотор и овие перформанси се одразува на бензинската пумпа – за време на неколкудневното тестирање, градската потрошувачка на Stelvio и неговиот 2-литарски турбо-бензинец изнесуваше некаде меѓу 13 и 15 литри на 100 изминати километри. Во ред, тоа не се превисоки бројки со оглед на перформансите, но сосем ќе ги разбереме сите оние кои ќе изберат Stelvio со некој од 2.2-литарските турбодизели на Alfa Romeo. На отворено, при брзина од околу 120 километри на час потрошувачката „се стабилизира“ на околу 10 литри на 100 километри.

Launch пакетот значи навистина многу опрема

Да зборуваме малку и за опремата. Како што и можевме да очекуваме од возило од овој сегмент, навистина немаме никакви замерки за опременоста – дел од листата се кожниот ентериер, детали од мат-лакирано дрво, автоматски менувач, загревање на седиштата, паркинг камера и сензори, големите 20-инчни тркала, спортски педали, keyless систем за отклучување, заклучвање и стартување на возилото, аудио систем со 14 звучници и засебен subwoofer, 8.4-инчен Alfa Connect3D мултимедијален уред со навигација и уште многу, многу други ситници.

Секако, тука се и системите за безбедност и асистенција, како и Hill Descent Control за возење по надолнини. Сето ова го прави Stelvio комплетен и безбеден пакет – а потврда за тоа се и петте ѕвездички на EuroNCAP.

Alfa Romeo влегува во компетитивен сегмент – но Stelvio го заслужува сето внимание кое го добива!

И сега, дали Stelvio ја оправдува споредбата со Ferrari? Во ред, признаваме дека асоцијацијата со разиграниот коњ е храбра и дека повеќе би одговарало да се спореди врвниот, 500-коњски Stelvio Quadrifoglio со Ferrari – но гените се дефинитивно тука. За тоа сведочи не само храбриот италијански дизајн, туку и динамичноста и спортскиот дух кој Stelvio го нуди. На крајот на денот – ако ги гледаме работите така, Stelvio е меѓу врвните во класата и одлично се снаоѓа во многу ситуации! ;)

  • 2-литарски турбо-бензински мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 280 коњски сили / 5250 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 400 Nm / 2250 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 230 км/час
  • Забрзување 0-100: 5.7 секунди
  • Должина: 4687 mm
  • Ширина: 2163 mm (со ретровизори)
  • Висина: 1670 mm
  • Тежина: 1660 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2818 mm
  • Багажен простор: 525 литри
  • Потрошувачка: 13.5 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Alfa Romeo Stelvio 2.0 280 Q4 Launch – 62.700 Евра
    Повеќе информации: AlfaRomeo.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.