По освежувањето за Range Rover, луѓето од JLR го претставија и освежениот Range Rover кој исто така добива нов плаг-ин хибриден погон.
Формата на луксузниот теренец не е изменета, но освежениот модел добива ревидирана предна маска, Pixel-Laser LED предни светла и редизајнирани задни светла. Кабината го добива новиот Touch Pro Duo инфозабавен систем со два 10-инчни дисплеи (како во Velar), а добива и нови седишта и редизајнирани детали во ентериерот.
Нови се и задните седишта кои сега можат да бидат навалени за дури 40 степени и имаат 25 различни програми за масажа. Интересен е и Connect Pro системот кој овозможува поврзување на вашиот Range Rover со паметен уред или часовник, преку кој можете да контролирате некои од функционалностите во вашиот луксузен теренец.
Под поклопецот, Range Rover добива нов хибриден погон кој комбинира 2-литарски турбо-бензинец со четири цилиндри, електромотори и батериски модул со капацитет од 13.1 kWh. Системската моќност е (исто како и кај Range Rover Sport) 404 коњски сили, а вака опремениот Range Rover забрзува до 100 километри на час за 6.4 секунди и постигнува максимални 220 километри на час. Може да помине до 51 километар на електрична енергија.
Секако, во понудата остануваат постоечките бензински и дизел мотори, а врв на понудата е SVAutobiography Dynamic кој користи компресорски 5-литарски V8 кој испорачува 565 коњски сили и 700 Nm вртежен момент – и резултатот е „стотка“ за 5.1 секунда!