Освежениот Range Rover Sport ќе го препознаете по редизајнираните браници, новата маска на ладилникот и новите Matrix Pixel LED предни светла.
Покрај измените на екстериерот, ентериерот добива нов Touch Pro Duo систем за инфозабава со два 10-инчни дисплеи. Купувачите ќе добијат и дополнителни конекции за полнење мобилни уреди, како и новиот Activity Key кој го заменува класичниот клуч.
Можеби најважен новитет е плаг-ин хибридот кој ја носи ознаката P400e. Хибридната изведба користи 2-литарски четири-цилиндерски турбо-бензинец и електромотор со литиум-јонска батерија со капацитет од 13.1 kWh. Вкупната системска моќност е 404 коњски сили и 640 Nm вртежен момент, кои овозможуваат забрзување до 100 километри на час за 6.3 секунди и максимални 220 километри на час. Дополнително, батеријата овозможува автономија на електрична енергија од 51 километар, а на соодветен полнач може да биде наполнета за 2 часа и 45 минути.
Моќната SVR изведба добива за нијанса зголемена моќност и сега компресорскиот 5-литарски V8 испорачува 575 коњски сили, и најбрзиот Range Rover Sport постигнува „стотка“ за само 4.3 секунди.