Поминавме неколку дена со темелно освежената Ford Kuga, опремена со 2-литарски турбодизел и автоматски менувач – ова се нашите впечатоци од фејслифтираниот германски SUV.
Обично кога некој автомобил ќе добие фејслифт, визуелните измени не се толку забележливи – дискретно изменети браници, редизајнирана графика на светлосните групи – и тоа е тоа. Но со освежената Kuga, Ford реши да му посвети значително повеќе внимание на својот SUV и да го направи попривлечен за купувачите.
Значително освежен и созреан дизајн
Да започнеме од дизајнот – визуелните измени се толку драстични, што може да помислите дека се работи за целосно нова генерација на моделот. Веќе ги нема „острите“ и прекршени линии (особено на предниот дел) – Kuga сега има значително редизајниран лик кој го прифаќа корпоративниот дизајн на другите теренски-ориентирани модели на брендот и поради тоа изгледа позрело и посамоуверено.
Големите светлосни групи се поставени околу маската на ладилникот, во средината на која пак се издвојува логото на Синиот Овал. Страничните линии не се многу изменети, но ни се допаѓа поострата карактерна линија која „ги пресекува“ задните светла и го обвива целиот заден дел. Мораме да признаеме дека ни се допаѓа како изгледа Kuga – не е најхрабро-дизајнираниот SUV на светот, но изгледа зрело, допадливо и има „еден куп“ динамични детали.
Поедноставена, просторна и комфорна кабина
Слична приказна за созревање продолжува и во кабината. Веќе ја нема централната конзола со мал милион копчиња и прекинувачи – сега само најважните функционалности имаат физички прекинувачи – како на пример контролите за климата – а сите останати функционалности се „командуваат“ преку централно-поставениот SYNC III мултимедијален уред. Оваа измена значително го олеснува контролирањето на различните системи, а истовремено ја поедноставува и ја прави попривлечна централната конзола.
Директно пред управувачот се поставени јасните и лесно разбирливи инструменти – и особено ни се допаѓа (и колку што можеме да се сетиме, ова го прави само Ford) што можеме во исто време на дисплејот меѓу инструментите да ја видиме просечната потрошувачка, моменталната потрошувачка и преостанатата автономија на автомобилот.
Инаку, ергономијата и просторната понуда се одлични – благодарение на големите стаклени површини маневрирањето е лесно, а лесно се пронаоѓа и комфорна возачка позиција. Возачот и совозачот ќе се сместат идеално во комфорните седишта, а и патниците на задната клупа ќе патуваат опуштени благодарение на можноста да се нагоди аголот на наслонот на задната клупа. Секако, ќе имаат доволно простор како за главите, така и за нозете.
Во целата кабина има доволно места за одлагање ситници и дребулии, а на располагање стојат 456 литри багажен простор кои нараснуваат на одлични 1653 литри кога ќе ги спуштите задните седишта.
Комфорна на пат, компетентна надвор од асфалтот
На пат, Kuga продолжува да биде динамичен и забавен сопатник. Всушност, зад управуачот на Kuga скоро и да го нема чувството дека возите голем SUV. Нијанса потешкото серво управување ви влева доверба во можностите на Kuga и го прави овој автомобил попрецизен, и ќе се изненадите со подготвеноста со која Kuga ја менува насоката на движење. Во ред, ова ни од далеку не е спортски компактен хечбек, но динамичноста на Kuga е на самиот врв меѓу конкуренцијата. На еден или два прсти можеме да ги наброиме конкурентите кои се подеднакво забавни зад управувачот.
Истовремено, автоматскиот менувач совршено му прилега големиот SUV. Во ваков автомобил, навистина нема потреба да се занимавате со нешто толку „секојдневно“ како менување брзини. Автоматскиот 6-брзински Powershift менувач одлично „си ја брка“ работата и скоро идеално соработува со 2-литарскиот турбодизел со 150 коњски сили и 370 Nm вртежен момент.
Оваа комбинација ветува задоволителни 10.9 секунди до 100 километри на час и максимални 190 километри на час. Низ град ние измеривме потрошувачка која се движеше околу 8 литри на 100 километри, а на отворен пат доколку се движите во рамките на дозволеното, таа може да биде и значително пониска.
Всушност, ние поминавме стотина километри на отворен пат со освежената Kuga, и мораме да напоменеме дека се покажа во вистинско светло. Комфорот и просторноста се одлични, а моторот работи рафинирано и тивко. На одредени повисоки брзини се пренесува малку бучавост во кабината, но во ниту еден момент не пречи во нормалното разговарање со сопатниците. Се гледа дека инженерите на Ford посветиле внимание на комфорот при патување и на подалечни дестинации.
Кога ќе одлучите да ја насочите Kuga во насока надвор од асфалтираните улици, можете да бидете уверени дека таа без поголем приговор ќе ги совлада предизвиците. Системот за погон на сите четири тркала префрла моќност кон оската која има највеќе тракција, и лесно се совладуваат препреките. Секако, Kuga не е екстремен теренец (ниту пак некој друг автомобил во оваа класа е), но сосем среќно ќе си ги заврши обврските – ќе ве однесе до вашата викендичка, или пак до плажа, или нешто слично.
Ford Kuga сега нуди зрелост која порано како да недостасуваше
По поминати неколку дена со Kuga, можеме без резерва да заклучиме дека Ford направи толку драстично освежување кај својот SUV, што може да каже дека е целосно нова генерација, не само обичен фејслифт. Визуелните измени се значителни и му даваат на германскиот SUV доза на сериозност и зрелост која порано како да недостигаше. Од друга страна, Kuga продолжува да биде динамичен, безбеден и доверлив сопатник – токму она што купувачите на ваквите автомобили го очекуваат.
- 2-литарски турбо-дизелски мотор, 4 цилиндри
- Моќност: 150 коњски сили / 3500 вртежи во минута
- Вртежен момент: 370 Nm / 2000 вртежи во минута
- Максимална брзина: 190 км/час
- Забрзување 0-100: 10.9 секунди
- Должина: 4531 mm
- Ширина: 2086 mm (со ретровизори)
- Висина: 1703 mm (со кровни носачи)
- Тежина: 1641 kg
- Меѓуоскино растојание: 2690 mm
- Багажен простор: 456 литри
- Потрошувачка: 8.1 (измерена, градска)
- Цена на тестираниот модел: Ford Kuga 2.0 TDCI 4×4 Powershift Titanium – 38.760 Евра