Volvo конечно го претстави својот најнов и најмал SUV – новиот XC40 – кој ќе пристигне кај првите сопственици на почетокот на следната година.
Новиот XC40 многу верно го следи дизајнот на 40-концептите кои Volvo ги покажа пред некое време, но истовремено ќе препознате дизајнерски детали и од поголемите XC60 и XC90. Веднаш ќе ги препознате дневните светла во обликот на чеканот на Тор, а тука се уште многу други детали. XC40 ќе може да се нарача во 17 комбинации на бои за каросеријата и кровот, а ќе можат да се добијат и големи тркала – кои се особено привлечни за помладите купувачи.
Кабината е слична како и кај другите модели – на средината е поставен 9-инчен екран преку кој се контролираат повеќето функции, но според Volvo, новиот XC40 има „радикално различен пристап кон складирање на ситници внатре во автомобилот“ – па ќе најдете простор за тоа под седиштата, во вратите, а ќе добиете и кукички за мали ќеси, па и „канта за отпадоци“ во просторот меѓу предните седишта.
XC40 е поставен на CMA архитектурата на Volvo, и оваа архитектура ќе се користи за сите возила од гамата „40“ – и секако, ќе добиеме и електрифицирани модели. XC40 добива Pro Pilot Assist, Active City Safety, Run-off Road Protection, Cross Traffic Alert, и уште многу други системи за активна и пасивна безбедност – сепак се работи за Volvo, па безбедноста без сомнение ќе биде на највисоко ниво.
Европските купувачи ќе можат да изберат меѓу пет погонски единици – бензинските Т3, Т4 и Т5 со 156, 187 и 247 коњски сили, како и дизелските D3 и D4 со 150, односно 190 коњски сили. Во зависност од моделот, купувачите ќе можат да изберат меѓу погон на предните и погон на сите четири тркала. Понатаму во понудата ќе се додаде и хибридна верзија, како и целосно-електрична верзија.
Производството ќе започне во Гент, Белгија, во Ноември а првите купувачи ќе ги добијат своите возила на почетокот на следната година.