Дионис Пашлаков е пензиониран професор по Биологија и главниот лик во документарецот наречен Avec l’amour кој е посветен токму на него – и неговата невообичаена љубов кон автомобилите!
„Ова е моето царство“ – кажува чичко Дионис – „овде спијам, овде го минувам сето време. Морам да ги чувам автомобилите.“
Царството на Дионис Пашлаков од Неготино во моментов брои 111 автомобили, неколку десеттици моторцикли, едрилица и уште цел грст други очекувани и неочекувани работи. Кога за прв пат ќе пристигнете во Музејот на Олдтајмери ќе ве пречека еклектична колекција од автомобили, наредени еден до друг и чекаат подобри времиња. Но кога ќе погледнете малку поубаво, ќе ја видите животната приказна на човек кој едноставно одбива да се откаже од својот сон.
А што е тој сон, прашувате? Музеј за Олдтајмери – ќе ви одговори чичко Дионис, и ќе дополни дека и покрај тоа што едниот објект е веќе изграден, сепак тој планира уште многу повеќе. Во моментов собира донации, а наскоро ќе започне и Crowdfunding кампања која ќе се обиде од добронамерници од целиот свет да привлече доволно донации за да се доизградат и другите објекти.
Седнете „на муабет“ со чичко Дионис, и ќе ве изненади неговата топлина и неговата подготвеност да раскажува за минатото и историјата на секој од автомобилите – а верувајте, секој автомобил има некаква приказна. Интересна е приказната за стариот Renault 6 кој Англичани кои оделе на годишен одмор го оставале во Македонија, па си оделе дома со авион, или пак престижниот Opel Kapitan во кој се возел Лазар Колишевски. Интересна се приказните за Радио-Аматерските денови на чичко Дионис, неговата „шифра“ YU5XDP и времето поминато пред радио-предавателите со кои тој комуницира со луѓе од целиот свет.
Во моментов тој има 111 автомобили. Кога го прашавме уште колку автомобили планира да купи, ни одговори искрено – „Со сопругата се договоривме да престанам кога ќе имам 101, па кога ја надминав таа бројка, договорот беше 111. Сега најверојатно ќе се договориме на 121-122.“
Дел од музејот на чичко Дионис е и книгата за гости, во која ќе видите срдечни и добронамерни пораки од посетители од целиот свет. Сите го поддржуваат сонот на овој внимателен и пријатен човек – кој многумина не го разбираа, и најверојатно сè уште не го разбираат.
Но ние го разбираме – му ја разбираме љубовта кон автомобилите, моторциклите и сè друго што е дел од неговото царство. Тој отворено кажува дека нема да продаде ниту еден автомобил, и дека сака неговата колекција да продолжи да расте. Кажува дека не сака да профитира од својот музеј, туку дека сака да му го остави на градот за да му помогне да привлече туристи и за крај ни го напоменува своето мото – „човекот вреди толку, колку што ќе остави зад себе.“
Пред да нè испрати, чичко Дионис ни го покажа својот „најнов“ автомобил – несекојдневен Vauxhall Chevette кој го купи од наш познаник од Скопје. Рече дека токму утрото бил на мајстор, да договори освежување за стариот автомобил и гордо ни покажа дека малиот Vauxhall пали – „чакмак!“ Всушност, автомобилите кои чичко Дионис ги чува во многу нешта наликуваат на него – веќе им се познаваат годините и по многу нешта се ексцентрични, но имаат многу приказни за раскажување и многу душа за споделување!