Subaru ја претстави целосно новата генерација на Impreza на европскиот пазар.
Најновата Impreza е вториот модел поставен на глобалната платформа на Subaru, која ќе придонесе за подобра респонзивност, управување и забрзување. Исто така го зголемува меѓуоскиното растојание за 25 милиметри, со што придонесува и за поширока кабина и значително повеќе простор за нозете.
Визуелно, новата генерација претставува еволуција на досегашниот модел со помал акцент на спортската нота. Најизразени промени на екстериерот се новите предни и задни светла и поиздолжениот заден дел на покривот.
Моделот најпрво ќе биде понуден со 1.6-литарски боксер агрегат, а потоа во гамата ќе се придружи и посилен 2.0-литарски боксер мотор. Според Subaru, 70% од компонентите на 1.6-литарскиот агрегат се редизајнирани и сега тој испорачува 114 кс при 6,200 вртежи и 150 Nm при 3,600 вртежи во минута. За споредба, 2.0-литарскиот мотор ќе произведува 156 кс при 6,000 вртежи и 196 Nm вртежен момент при 4,800 вртежи во минута. Двата агрегати се поврзани исклучиво со CVT менувач и Symmetrical погон на сите тркала.
Главниот фокус на новата Subaru Impreza е безбедноста на возачот. Поради тоа, моделот е опремен со EyeSight технологија за асистирање на возачот, адаптивен темпомат, автоматско сопирање при опасност од судир и предупредување за напуштање на коловозната лента.