ТЕСТ: SEAT Ibiza 1.0 TSI 95 FR – Нескриени амбиции! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: SEAT Ibiza 1.0 TSI 95 FR – Нескриени амбиции!

Поминавме викенд со новата SEAT Ibiza опремена со 1-литарскиот турбо-бензинец со 95 коњски сили и динамичното FR ниво на опрема – дознајте повеќе за компактниот шпански хечбек со не-баш-компактни амбиции!


Кога го имавме првиот контакт со новата Ibiza за време на регионалното претставување во Србија, компактниот шпански хечбек ни остави мошне позитивни впечатоци – привлечниот дизајн, просторната понуда и храбриот шпански дух беа доволни да ни го привлечат и задржат вниманието. Сепак, со нетрпение ја очекувавме можноста и на „домашен терен“ да поминеме малку време со Ibiza, токму за да видиме како ќе успее да се усогласи со македонските услови на патиштата.

Нова платформа?

Пред да зборуваме во повеќе детали за новата Ibiza, вреди да напоменеме дека токму шпанскиот компактен хечбек прв ја добива MQB A0 платфората. A0 е варијанта на MQB наменета за помали автомобили, а со себе носи намалена тежина, можност за грст нови технологии и вградување на нови, поекономични и помоќни мотори.

Во ред, ајде да зборуваме за дизајнот..

Ајде! На прв контакт, можеби ќе помислите дека Ibiza изгледа како помал Leon и можеби нема да бидете премногу далеку од вистината – но во реалнота, Ibiza има сопствен карактер, дури подинамичен од оној на Leon. Основните форми и линии се слични, но Ibiza изгледа уште поспортски од својот поголем брат.

На предниот дел доминираат големите отвори за воздух и острите предни светла со LED технологија, кои пак преминуваат во силната странична карактерна линија која визуелно го прави автомобилот понизок. На задниот дел вниманието го задржуваат интересните задни светлосни групи кои како истовремено да имаат повеќе различни форми. Секако, голем удел игра и FR стајлингот на нашиот тестен модел кој вклучува поспортски браници и многу спортски детали.

А како е внатре во кабината?

Ако мораме накратко да сумираме – значително подобро од порано. Благодарение на новата платформа, Ibiza е во моментов еден од најпросторните автомобили во класата. Дел од FR опремата се и одличните седишта покриени во комбинација од штоф и алкантара кои нудат одлична странична поддршка (а да не „праиме муабет“ дека изгледаат супер и значително ја подобруваат атмосферата во ентериерот). Ќе забележите и спортски-дизајниран FR управувач со зарамнето дно како и голем мултимедијален уред со можност за поврзување со вашиот паметен телефон.

По сечиј вкус нема да бидат површините покриени со сјајна црна пластика – таа изгледа одлично, но е магнет за прашина и отисоци од прсти. Некои од пластиките кои ќе ги допрете ќе бидат малку поцврсти, но сепак Ibiza нуди меѓу најпросторните кабини во класата. Ќе најдете и многу места за одлагање ситници и дребулии, и единствено посакавме тестниот модел да имаше цетрален потпирач за рацете.

Колку простор има во кабината? Па, ако споредуваме можеме да кажеме дека Ibiza е скоро голема колку Leon од првата генерација. На задната клупа релативно комфорно ќе се сместат двајца патници и ќе имаат доволно простор како за колената, така и за главите – во контекст на класата, секако. Дополнително, Ibiza има и голем багажник – 355 литри е капацитет кој го нудат автомобили кои се класа поголеми!

1-литарски мотор? Не е тоа малку?

Всушност, 1-литарскиот TSI турбо-бензинец со три цилиндри и 95 коњски сили се покажа како идеална комбинација. Покрај 95-те коњски сили достапни при 5000 вртежи во минута тука се и сосем респектабилни 175 Nm вртежен момент од само 1500 вртежи во минута. Вртежниот момент значи дека Ibiza лесно „повлекува“ во скоро секој режим на работа, а перформансите се повеќе од задоволителни – 100 километри на час се постигнуваат за 10.9 секунди додека максималната брзина е 182 километри на час.

Но она што изненадува е леснотијата на движење во секојдневно возење – нема потреба од „цедење“ на моторот за да се вози нормално. Соодветно на тоа и потрошувачката е во рамките на очекуваното – низ град очекувајте потрошувачка од околу 7.2 до 7.5 литри на 100 изминати километри, а на отворен пат таа ќе биде под 6 литри на 100 изминати километри.

Зад управувачот?

Новата Ibiza е изненадувачки компетентна. Возете подинамично и ќе бидете наградени со подготвеност за менување насока и неутрално управување кое не е пренаклонето кон подуправување. Секако, тука улога играат и големите тркала обвиени во спортски пневматици, но Ibiza се однесува токму како што спортскиот изглед сугерира – може да понуди забава зад управувачот, а притоа сето тоа да биде безбедно и контролирано.

Како што и очекувавме, електричното серво не пренесува многу информации од подлогата, но затоа управувањето е директно, прецизно и без „празен од“. Вистинско задоволство е да се користи 5-брзинскиот мануелниот менувач кој е со кратко и одмерено движење.

FR спецификацијата е поцврста од стандардната, но во ниту еден момент Ibiza не е некомфорна. Суспензијата ги впива нерамнините и многу ретко се пренесуваат несакани вибрации од подлогата во кабината. Доколку сепак сакате, можете да изберете некоја од другите варијанти достапни – но ние секако би ја препорачае Ibiza токму во FR изведба.

На отворен пат се забележува малку бучавост токму од спортските пневматици, но при нормални брзини во кабината е тивко и лесно може да се разговара. Она што импресионира е дека Ibiza одлично се справува и со брзини значително повисоки од легалните, но ова не сме ви го кажале ние.

Што сè ќе добијам со Ibiza FR?

Многу. Да започнеме со FR пакетот кој ги вклучува спортскиот бодикит, одличните седишта и спортски-доработениот ентериер. Добивате и поголеми тркала со спортски пневматици, а дел од приказната е и двозонски клима уред, огромен мултимедијален уред со Android Auto, Apple CarPlay и FullLink поврзување, електрично придвижување на сите прозорци, предни и задни LED светла (кои едноставно морате да ги имате), темпомат, и уште многу, многу додатоци.

Дел од приказната се и цел грст на воздушни перничиња и системи за активна и пасивна безбедност. Новата SEAT Ibiza е веќе тестирана од EuroNCAP и освои максимални пет ѕвездички.

Значи..

Сето ова значи дека новата Ibiza ни е еден од омилените автомобили во класата. Остриот и динамичен дизајн (особено кај FR верзијата), богатата опрема, врвната безбедност и живиот турбо-бензинец се одлична комбинација. Кога ќе земеме во предвид дека Ibiza е истовремено и еден од најкомфорните и најпрактични автомобили во класата но и дека SEAT таргетира помлади купувачи со новите технологии, тогаш станува јасно дека Ibiza сеопфатен пакет. Плус, црвената боја ѝ стои одлично!

  • 1-литарски турбо-бензински мотор, 3 цилиндри
  • Менувач: Мануелен, 5 брзини
  • Моќност: 95 коњски сили / 5000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 170 Nm / 1500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 182 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.9 секунди
  • Должина: 4059 mm
  • Ширина: 1942 mm (со ретровизори)
  • Висина: 1444 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2564 mm
  • Тежина: 1122 kg
  • Багажен простор: 355 литри
  • Потрошувачка: 7.5 литри бензин на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: SEAT Ibiza 1.0 75 Reference – 12.903 EUR
  • Цена на тестираниот модел: SEAT Ibiza 1.0 TSI 95 FR – 16.433 EUR
  • Повеќе информации: SEAT.mk

Фотографија: Дејан Маликовски 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.