ТЕСТ: KIA Rio 1.2 84 Style – Еволуција на докажаното – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: KIA Rio 1.2 84 Style – Еволуција на докажаното

Новото KIA Rio доаѓа во време кога конкуренцијата во класата станува навистина моќна – дали новиот урбан компакт на корејскиот производител го има она што е потребно?


Минатата генерација на KIA Rio ни беше привлечен автомобил – изненадувачки комфорно и пространо, и со привлечен, европски дизајн, старото Rio ни беше еден од оние, алтернативните автомобили во класата. Rio можеше да се пофали со навистина комфорна кабина (благодарение на долгото меѓуоскино растојание), интересен ентериер и докажана издржливост.

Сега, со новата генерација, KIA се обидува да го постигне истото – но пристапот да биде еволутивен, наместо да прави некакви драстични измени и скокови. Кај многу производители тој пристап се покажува како успешен – стратегијата за долгорочно градење на имиџот на брендовите и моделите ги прави купувачите лојални.

Еволуција на дизајнот, но со нови дизајнерски детали

Со новото Rio, KIA како да наметнува малку поинаква дизајнерска политика. Автомобилот веднаш ќе го препознаете како припадник на корејското семејство – ќе забележите неколку лесно-препознатливи дизајнерски детали од гамата на KIA. Но она што е поинакво е дека наместо да прифати „варијација на тема“ пристап како што прават некои од конкурентите, KIA му дава на Rio уникатен, засебен лик,

На предниот дел се истакнуваат дневните светла на широките светлосни групи, како и голеееееемиот отвор за воздух (а невообичаено – делот меѓу предните фарови е затворен), силуетата е типично и класично „хечбековска“, а задниот дел е дефиниран од хоризонталните светлосни групи со тродимензионални детали. Сè на сè – Rio можеби не е најавантгардниот модел во класата, но изгледа складно и пропорционално. Добро изгледаат и 16-инчните алуминиумски фелни, но ние би одбрале можеби малку похрабра боја за каросеријата и еден број поголеми тркала.

Поврзано:  ТЕСТ: KIA Picanto 1.2 5MT Concept - Добрите нешта доаѓаат во мали пакувања!

Комфорна и робустна кабина

Онаму каде Rio продолжува да брилјира е просторната понуда во кабината. Благодарение на меѓуоскиното растојание од 2580 милиметри, во ентериерот има простор како кај автомобили кои се класа поголеми. Во ред, на задната клупа можеби нема идеално да се сместат тројца, но за возачот, совозачот и двајца сопатници ќе има повеќе од доволно простор. На располагање ќе имаат 325 литри во багажникот, кои нараснуваат на 980 литри кога ќе се спуштат задните седишта.

Приказната за комфорна и практична кабина продолжува од минатиот модел – па пред вас ќе пронајдете јасно-поставени и лесно-разбирливи инструменти. Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, а прегледноста е прилично добра. Управувачот и менувачот се обложени со кожа (како што и треба да бидат), а квалитетот на пластиките е воглавно добар. Ќе забележиме на цврстите пластики со кои се обложени вратите, но нашите забелешки во однос на квалитетот на материјалите во кабината завршуваат тука. На централната конзола се интересни прекинувачите и контролите за клима уредот кои изгледаат како гејмпад за некоја играчка конзола. Штета што дисплејот на мултимедијалниот уред не е поголем – но доколку сакате поголем дисплеј, секако можете да го нарачате.

Мал и економичен, но динамичен мотор

Нашиот тестен автомобил дојде опремен со 1.25-литарски атмосферски бензинец кој испорачува 84 коњски сили на релативно високи 6000 вртежи во минута и 121 Nm вртежен момент достапни на 4000 вртежи во минута. Малиот четири-цилиндерски бензинец работи мирно и рафинирано, и подготвено реагира на секое притискање на педалата за гас.

Секако, перформансите не се спектакуларни, но 100 километри на час пристигнуваат за 12.9 секунди а максималната брзина е 170 километри на час. Како и кај секој мал атмосферец, за да имате било какво респектабилно забрзување треба да сте вистинскиот степен на пренос, но затоа мораме да го пофалиме 6-степениот мануелен менувач кој има прецизен и директен од, па менувањето на брзините воопшто не претставува проблем. Бидете внимателни со педалата за гас и во градски услови очекувајте потрошувачка од околу 7 до 8 литри бензин на 100 изминати километри.

Комфорно возење, многу опрема

Возењето со новото Rio е лесно – како што напоменавме, прегледноста е добра, а контролите се лесни за користење. Се гледа дека инженерите на KIA посветиле доволно внимание на суспензијата, па малиот градски хечбек лесно ги впива нерамнините без притоа да пренесе вибрации во кабината. Доколку претерате со побарувањата ќе добиете подуправување – што и може да се очекува од градски хечбек со погон на предните тркала, но инаку Rio се однесува стабилно и доверливо. Управувањето е прецизно, но без премногу повратни информации од подлогата.

Поврзано:  KIA подготви темелно освежување за мега-популарниот Sportage

Нашиот тестен автомобил дојде во повисокото ниво на опрема кое се нарекува Style. Тоа значи дека покрај другото, нашиот автомобил имаше и електрично задвижување на сите четири прозорци, клима уред, алуминиумски фелни, мултимедијален уред со паркинг камера и паркинг сензори, LED дневни светла и LED задни светла, како и многу, многу други ситници. За поздрав е можнота за Bluetooth поврзување на мобилен уред во оваа класа.

Дали KIA ја продолжува приказната на старото Rio со новото? Секако! Повторно добиваме автомобил кој е привлечен, практичен и комфорен, но овој пат завршната обработка и чувството на солидност се отидени чекор погоре од досега. Кога во равенката ќе ја додадеме и гаранцијата од 7 години која ја дава KIA на своите автомобили, новото Rio станува сè попривлечно. Некои од конкурентите ја турнаа класата нанапред, но Rio останува достоен, доверлив и несекојдневен избор во сè поконкурентниот сегмент.

  • 1.25-литарски бензински мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 84 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 121 Nm / 4000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 170 км/час
  • Забрзување 0-100: 12.9 секунди
  • Должина: 4065 mm
  • Ширина: 1993 mm (со ретровизори)
  • Висина: 1450 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2580 mm
  • Тежина: 1130 kg
  • Багажен простор: 325 литри
  • Потрошувачка: 7.5 литри бензин на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: KIA Rio 1.25 84 Style – 13.950 EUR
  • Повеќе информации: KiaMotors.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.