Германскиот производител го искористи Pebble Beach Concours d’Elegance за да потврди дека I.D. Buzz електричниот миниван ќе оди во сериско производство и ќе пристигне кај дилерите во 2022!
Дополнително, од Volkswagen потврдуваат дека модулот со батерии ќе биде вграден во подот, но сега за сега – не објавуваат повеќе детали. I.D. Buzz ќе биде вториот електричен автомобил во I.D. гамата на електрични возила на Volkswagen – првиот ќе биде хечбек, и веќе се шпекулира дека можеби ќе ја видиме сериската изведба (или нешто навистина блиску до неа) на саемот во Франкфурт.
Според претседателот на Volkswagen – Dr. Herbert Diess – “по претставувањето на глобалните шоуа во Детроит и Женева, добивме голем број на пораки од нашите купувачи кои побараа да го направиме овој автомобил. Microbus веќе долго време е дел од Калифорнискиот лајф-стајл, па сега ќе го вратиме назад но како електрично возило.“
Со оглед на тоа дека Volkswagen најави сериозна офанзива на електрични возила, оваа одлука воопшто не е изненадувачка – а одличен потег е едно од првите возила да биде токму нова верзија на толку легендарно и добро-прифатено возило како што е оригиналното VW комбе.