Поминавме неколку дена со новата Insignia Grand Sport и имавме можност самите да се увериме во квалитетите на новиот знаменосец на Opel.
Opel е во турбулентно време – на денот на објавувањето на овој тест, германскиот бренд официјално стана дел од PSA Групацијата и ќе биде рамо до рамо со Peugeot, Citroen и DS. Сегментот во кој настапува новата Insignia Grand Sport е меѓу најжестоките – од една страна, конкурентите се докажани, успешни и популарни, а од друга страна продажбата во овој сегмент е во континуирано опаѓање заради растечката популарност на разно-разните трендовски SUV и кросовер модели кои доминираат на пазарот.
Напредокот кај Insignia во однос на минатиот модел е толку голем, што Opel реши да го измени и името – па сега не е само Insignia, туку е Insignia Grand Sport. Со ова Opel ја истакнува еволуцијата на својот седан и сака да каже јасно и гласно дека новиот модел е поголем, подобар, пограндиозен – па и поспортски.
Привлечен, безвременски дизајн – без непотребни линии и детали
Како и секогаш – ќе започнеме со дизајнот. Новата Insignia Grand Sport влече некои дизајнерски детали од концептите и кросоверите на брендот, но сето тоа го пренесува во издолжена, привлечна форма. Всушност – дизајнот е исклучително хоризонален, а сето тоа е со желба да се истакнат димензиите на големиот седан. На предниот дел се истакнуваат широките, остри IntelliLux предни светла со LED технологија и широкиот отвор на маската на ладилникот.
Страните ги дефинираат долгата карактерна линија на врвот на вратите и растечкиот „засек“ од предните до задните врати, како и купеовската линија на кровот, а на задната страна приказната за „хоризонталноста“ ја дополнуваат широките задни светла со LED технологија. Всушност, единствено задниот дел изгледа малку поедноставен во однос на остатокот од автомобилот – а црната боја одлично му прилега на долгиот седан.
Ако мораме со еден збор да го дефинираме дизајнот на новата Insignia – тоа би бил зборот рафиниран. Нема непотребни линии кои само ќе го застарат автомобилот за неколку години, нема излишни детали кои само ќе го одвлекуваат вниманието – добиваме привлечен, елегантен и динамичен дизајн кој најверојатно ќе го издржи тестот на времето. Дизајнерите на Opel одлично си ја завршиле работата.
Квалитетни материјали во тивката и комфорна кабина
Слична е ситуацијата и во кабината – кога ќе ја отворите возачката врата ќе ве пречека ентериер каде едноставноста била „ѕвездата-водилка“. Сите контроли се лесни и разбирливи за користење и лесно се наоѓа комфорна возачка позиција. Примарните контроли за инфо-забавниот систем и клима-уредот се контролираат преку мултимедијалниот уред поставен на врвот на централната конзола, а таму е и уредот за навигација.
Во време кога многу од производителите ги „натакнуваат“ мултимедијалните уреди на засебни екрани поставени врз централната конзола, убаво е да се види дека просторот може да се искористи порационално. Сепак, како и кај сите други автомобили каде мултимедијалните уреди се користат како централна точка за командување со системите во автомобилот, и тука може да ви биде потребно малку повеќе време да се навикнете на ваквите контроли. Остануваме на ставот дека физичките прекинувачи се незаменливи.
Но сепак, навистина е тешко да се најдат замерки за севкупното чувство во кабината. Материјалите кои се користени во ентериерот се најмалку едно скалило погоре од она што сме навикнати да го очекуваме од Insignia, а завршната обработка е на навистина високо ниво. Скоро сите површини кои ќе ги допрете ќе бидат квалитетни и фини на допир, и само на некои места забележавме покрути пластики.
Новата Insignia Grand Sport ги следи некои од директните конкуренти во класата и нуди импресивно многу простор – како на предните седишта, така и на задната клупа. Патниците на задната клупа ќе уживаат и на подолги патувања, а на располагање стојат 480 литри багажен простор – помалку од некои од конкурентите во класата, но благодарение на петтата врата внесувањето и на поголеми предмети е лесно. Спуштете ги задните седишта и на располагање ќе имате одлични 1540 литри багажен простор.
Неизбежна е големината на Insignia Grand Sport
Започнуваме да се движиме во новата Insignia Grand Sport, веднаш станува јасно дека ова е голем, голем автомобил. За среќа, нашиот тестен автомобил дојде со предни и задни паркинг сензори, како и задна паркинг камера – па маневрирањето и паркирањето не е премногу тешко. Лесниот серво-управувач и релативно прецизниот мануелен менувач само ја дополнуваат сликата – но ние можеби би го погледнале и автоматскиот менувач – едноставно, автоматикот му прилега на еден ваков седан.
Низ град, 2-литарскиот турбодизел со 170 коњски сили одлично ја задвижува големата Insignia Grand Sport. Моторот работи прилично тивко и рафинирано, и има звук кој е малку нетипичен за дизел-моторите. Покрај 170-те коњски сили достапни на 3750 вртежи во минута, ќе имате на располагање и 400 Nm вртежен момент достапни од 1750 вртежи во минута.
Сето ова овозможува забрзување до 100 километри на час за 8.2 секунди и максимални 225 километри на час. Официјалните податоци говорат за градска потрошувачка од околу 6 литри на 100 километри, но ние измеривме ситно над 8 литри – сосем добри резултати, со оглед на големината и тежината на Insignia Grand Sport. Во градските средини одлично се покажуваат и системите за асистенција во возењето, како и системот за препознавање пешаци и различни препреки на патот. Корисен е и Head-up дисплејот во боја на кој се прикажани најважните информации за возењето.
Комфорно и тивко на отворен пат, компетентно по свиоци
На отворено Insignia Grand Sport е во вистинско светло – на 120 километри на час моторот „врти“ на малку над 2000 вртежи во минута, па во кабината е тивко и лесно се разговара со сопатниците. Секако кон тишината придонесува и одличниот коефициент на отпор на воздухот од само 0.25 Cd, а тоа пак влијае позитивно на потрошувачката. Мораме да заклучиме дека Insignia Grand Sport е одличен сопатник и на долги патувања.
Кога ќе ја насочите кон свиоци, ќе бидете позитивно изненадени од управувањето. Да, електричниот серво-управувач не пренесува многу информации од подлогата, но е доволно прецизен и директен за да можете добро да „ја поставите“ големата Insignia каде што сакате. Кога ќе претерате со побарувањата ќе добиете подуправување, но на прогресивен и предвидлив начин.
Insignia Grand Sport го нуди токму оноа што купувачите го бараат од сегментот
Значи… Нов автомобил, нов дизајн, нови технологии и ново име. Каде всушност припаѓа новата Insignia Grand Sport? Просторната понуда е одлична, рафинираноста конечно е на ниво на најдобрите конкуренти во класата и дизајнот е навистина привлечен. По сè изгледа, Opel има одличен и компетитивен автомобил во класата каде и најмалите пропусти можат да бидат погубни.
Не е најзабавниот автомобил за возење во класата, но за сметка на тоа добивате рафинираност, комфор и сите играчки кои би можеле да ги посакате – а тоа е она што купувачите го бараат од овој сегмент!
- 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
- Моќност: 170 коњски сили / 3750 вртежи во минута
- Вртежен момент: 400 Nm / 1750 вртежи во минута
- Максимална брзина: 225 км/час
- Забрзување 0-100: 8.2 секунди
- Должина: 4897 mm
- Ширина: 2093 mm (со странични ретровизори)
- Висина: 1455 mm
- Тежина: 1507 kg
- Меѓуоскино растојание: 2829 mm
- Багажен простор: 480 литри
- Потрошувачка: 8.1 литар на 100 километри (измерена, градска)
- Цена на тестираниот модел: Opel Insignia Grand Sport 2.0 CDTi Innovation – 34.800 ЕУР
Фотографија: Дејан Маликовски