Малата Fiesta е еден од најпопуларните и најзначајните модели на Ford, и токму со новата Fiesta се запознавме во Валјадолид, Шпанија!
Сегментот во кој припаѓа Ford Fiesta станува навистина компетитивен – не само што автомобилите од овој сегмент стануваат сè поголеми, туку со себе носат и нови технологии и се обидуваат да го понудат најдоброто од сите светови. Соодветно на тоа, за автомобил во овој сегмент да може да се носи рамо до рамо со конкуренцијата, треба да понуди привлечен дизајн, економични мотори и технологии кои купувачите не само ги бараат, туку веќе и ги очекуваат.
Навистина нов модел – нова платформа, нов дизајн, нови технологии и нов пристап кон нештата!
Новата Fiesta е навистина нова – добива целосно нова платформа, нов дизајн, нови погонски единици и нови технологии со кои Ford сака да ја постави на самиот врв во класата. Токму поради тоа Ford реши да ја понуди Fiesta во четири различни изведби – сите слични, но секоја со свој уникатен карактер.
Наследник на традиционалната Fiesta е изведбата наречена Titanium. Токму оваа изведба е онаа која најверојатно најчесто ќе ја гледаме по нашите улици – модерна, привлечна и младешка. Понатаму, тука е Vignale изведбата која има премиум амбиции, спортската ST-Line и авантуристистичката Active.
Еволуција на дизајнот – затегнати линии и позрел лик
При првиот контакт со новата Fiesta се изненадивме колку всушност е освежен ликот на хечбекот на Ford. Да, дизајнот е еволуција на досегашниот, но Fiesta е порасната, линиите се затегнати и ликот оддава чувство на модерност и привлечност. Особено ни се допаѓа редизајнираниот заден дел, каде Fiesta за прв пат добива хоризонтално-поставени светлосни групи, кои пак на целиот автомобил му даваат поширок лик.
Дизајнерите и инженерите на Ford беа подготвени да ни зборуваат за дизајнот и техничките решенија на новата Fiesta, и беа особено горди на севкупниот напредок кој е постигнат. Од далеку се забележува дека ги послушале коментарните на сопствениците и автомобилските медиуми – и производот кој го нудат е очигледно позрел. Всушност, седнете во Fiesta Vignale и станува јасно дека Ford сериозно ги сфаќа премиум амбициите.
Fiesta Vignale – Сериозни амбиции кон „повисоките класи“
Вистинско задоволство е седењето во кабината на новата Fiesta Vignale. Скоро сите материјали кои ќе ги допрете се квалитетни и пријатни на допир – само некои поцврсти пластики го издаваат сегментот во кој припаѓа Fiesta. Она што нема да го очекувате, а што пријатно ќе ве изненади е рафинираноста и тишината во кабината – дури и при повисоки, нелегални брзини лесно можете да „си муабетите“ со сопатниците без притоа да го повишите гласот!
Дополнително, седењето е пониско во однос на моделот кој е во заминување, а сите контроли се лесни за користење. Одличен е и SYNC3 мултимедијалниот уред со навигација кој можете да го добиете – лесен и интуитивен за користење без да одвлекува премногу внимание од патот. На задната клупа повторно има доволно место за двајца, а по потреба ако „се потстиснат“ ќе собере и тројца.
Визуелно, Fiesta Vignale несоменено е најпремиум изведба на Fiesta – почнувајќи од уникатната маска на ладилникот и светлата со LED технологија, па сè до хромираните детали и привлечните алуминиумски фелни – се гледа дека Ford сака да го издигне Vignale брендот на повисоко ниво. Верувајте, ефектот е постигнат – ова е меѓу ретките автомобили кои во овој сегмент нудат вакви материјали, ниво на завршна обработка и рафинираност, без притоа да се наруши динамичноста на управувањето по кое Fiesta е толку позната.
Fiesta ST-Line – Динамичноста, истакната
Кога веќе зборуваме за динамичност, мора да зборуваме за Fiesta ST-Line. Со оваа изведба Ford сака да ги привлече помладите купувачи кои сакаат поспортски дизајн, атлетски детали и забава зад управувачот. Достапна со три или пет врати, Fiesta ST-Line одлично ги исполнува овие барања – особено верзијата со три врати која од далеку наликува на малечок хот хеч!
Fiesta ST-Line ќе ја препознаете по црната маска на ладилникот, пошироките отвори за воздух, поголемите алуминиумски тркала и многу спортски детали – од задниот спојлер, па се до црниот дифузер. Fiesta ST-Line настапува сериозно и самоуверено, а нам ни изгледаше одлично во верзијата со пет врати и сина боја.
Отворете ја вратата и ќе ве пречека кабина со многу спортски детали – од спортските седишта, до спортскиот управувач со зарамнето дно и алуминиумската рачка од менувачот. Но кога ќе започнете да се движите ќе ги откриете вистинските таленти на спортската верзија.
Деминутивен EcoBoost турбо-бензинец со убедливи перформанси
Исто како и луксузниот Vignale, и спортската Fiesta ST-Line го носеше истиот 1-литарски EcoBoost турбо-бензинец со 3 цилиндри, кој испорачува 140 коњски сили и 210 Nm вртежен момент. Малиот EcoBoost нуди привлечен, дури забавен три-цилиндерски звук и сосем добро ја придвижува новата Fiesta. На Fiesta ST-Line и требаат само 9 секунди да постигне 100 километри на час, а максималната брзина е одлични 202 километри на час – и притоа нуди исклучителна економичност. На одличните шпански патишта измеривме потрошувачка од околу 7 литри на 100 километри, дури и при динамично возење.
Деминутивниот турбо-бензинец е одличен соработник во новата Fiesta – и идеално соработува со мануелниот менувач и директното управување. О, да, Fiesta сè уште е еден од најуправливите мали автомобили, и вистинско уживање е да се бараат лимитите на управувањето.
Како и досега, Fiesta не е наклонета ниту кон подуправување, ниту кон надуправување, туку послушно ги извршува наредбите од возачот и покорува свиоци со брзини кои можеби нема да ви бидат баш за верување.
Добро-познат и економичен турбодизел
Доколку сакате турбодизел – тука е добро-познатиот 1.5 TDCi – но сега за прв пат Ford го нуди во Fiesta во изведба од 120 коњски сили.
Забрзувањето до 100 километри на час повторно трае само 9 секунди, но меѓузабрзувањата и економичноста се негови најсилни атрибути – бидете внимателни и рафинираниот турбодизел може да троши и само 5 литри дизел гориво на 100 изминати километри.
Технологии кои купувачите ги очекуваат
Но Fiesta ги турка работите понатаму – и тоа со новите технологии кои можат да се нарачаат. Fiesta не само што ќе може самата да се паркира, туку ќе ви помогне да ја следите и коловозната лента, ќе ги препознава сообраќајните знаци и самата ќе ги регулира долгите светла. Понатаму, ќе можете да нарачате и B&O премиум аудио уред, а SYNC3 мултимедијалниот уред ќе ги препознае вашите гласовни команди ќе ве насочи онаму каде треба да одите.
Конечно, каде е новата Fiesta? Амбициите на Ford се очигледни, и Синиот Овал повторно сака Fiesta да биде меѓу најдобрите во класата. Не смееме ниту за момент да заборавиме дека конкуренцијата во овој сегмент станува сè подобра, таа задача воопшто не е лесна – но со оглед на она што го видовме и искусивме при првиот контакт – Ford повторно има автомобил со кој без двоумење може да се пушти во борба со најдобрите!