Новиот, голем SUV на Škoda е еден од најинтересните нови модели на пазарот – а ние имавме можност да поминеме неколку дена со него и вистински да ги запознаеме неговите квалитети.
Да речеме дека имате потреба од голем и практичен SUV со 5 или 7 седишта. Да речеме дека сакате многу опрема, моќен и економичен мотор, погон на сите четири тркала и автоматски менувач.
Изборот кој го имате не е голем – овој сегмент токму во моментов е во фаза на експанзија и неколку различни производители пробуваат да понудат свое решение токму за овој проблем. Еден од најновите и најинтересните модели во оваа класа доаѓа токму од чешката рака на Volkswagen групацијата – Škoda – и како и секогаш, очекувањата се навистина големи.
Новиот Škoda Kodiaq е голем. Навистина голем.
Да започнеме со она што се крие под „кожата“. Kodiaq ги дели механичките делови со втората генерација Volkswagen Tiguan како и новата Seat Ateca – но за разлика од своите братучеди, големиот Škoda Kodiaq може да се добие со седум седишта доколку ви се потребни.
Веќе при првиот контакт неизбжно ќе забележите дека Kodiaq е голем. Ама навистина голем. Мислиме дека има прекуокеански бродови кои можеби се поголеми, но не сме сигурни, треба да потврдиме. Новиот чешки SUV е долг 4697 милиметри, широк 2087 милиметри и висок 1767 милиметри. Поставен на големите, 19-инчни фелни со кои дојде опремен нашиот тестен модел изгледа пропорционално и привлечно, иако во време на конкуренти со похрабар дизајн – можеби малку резервирано.
Од друга страна, таа резервираност значи дека дизајнот нема да изгледа „стар“ по само неколку години. Заострениот преден дел го дефинираат широката маска на ладилинкот и големите, хоризонтални LED светлосни групи, а приказната за чисти и остри линии продолжува околу целиот автомобил. Всушност, како што и сме навикнати кај Škoda – практичноста и функционалноста го водат, наместо да биде обратно и тие да бидат жртва на дизајнот.
Ентериер типичен за Škoda – функционален и практичен – и со повеќе простор од некои значително поголеми и поскапи конкуренти!
Ја отвораме возачката врата и нè пречекува ентериер кој е типичен за Škoda – простран, функционален и практичен. Ако сте седнале во било кој модел на чешкиот производител сите контроли ќе ви бидат веднаш јасни и лесни за користење, лесно ќе најдете комфорна и прегледна возачка позиција и веднаш ќе се чувствувате како дома.
На централната конзола доминира големиот мултимедијален уред чувствителен на допир (кој патем има одлична резолуција) и нуди навигација, Bluetooth поврзување, Android Auto и Apple CarPlay поврзување и многу други ситници, а материјалите кои се користени во кабината воглавно се квалитетни и фини на допир. Има многу простор наменет за одлагање ситници како околу предните седишта, така и на задната клупа.
Кога веќе зборуваме за задната клупа – просторната понуда е како во автомобили кои се класа-две поголеми. Имате повеќе од доволно простор како за колената, така и за главите на патниците на задните седиша, а бидејќи задниот дел од седиштата се нагодува можете лесно да најдете комфорна позиција за седење дури и на дооооолги патувања. Нашиот тестен модел дојде со засебни контроли за тро-зонската клима како и систем за загревање како на предните, така и на задните седишта – па можете да бидете сигурни дека ќе патувате релаксирано и комфорно. На располагање имате (подгответе се) 720 литри багажен простор – со што Kodiaq е вистински рекордер не само во својата класа, туку и кај автомобилите кои се значително поголеми!
Цел куп Simply Clever додатоци
Секако, Škoda не би била Škoda доколку околу целиот автомобил не најдете дузина практични додатоци. Да започнеме со чадорите вградени во предните врати (кои за време на врнежливите неколку дека додека Kodiaq беше кај нас се покажаа како идеално поставени), па да продолжиме со дводелната касета поставена пред совозачот, панелот за безжично полнење на мобилни телефони, малата „корпа“ за отпадоци во возачката врата, гребалката за мраз поставена во полначката за гориво, па сè до светлото во багажниот простор кое можете да го извадите и да го користите како батериска ламба (и можете некаде магнетно да ја прикачите, секако). Сите овие Simply Clever детали му овозможуваат на Kodiaq да отиде чекор понатаму со практичноста и да се истакне меѓу навистина силната конкуренција.
Но еден од омилените практични детали на новиот Kodiaq ни е системот за заштита на рабовите на вратите. Кога ќе отворите било која врата, мал пластичен „браник“ излегува од страничниот дел на вратата и го заштитува страничниот раб за да ако случајно допрете друг автомобил на паркинг или пак некаков друг раб кој е во близина да не го оштетите ниту она што ќе го допрете, ниту пак вашиот Kodiaq. Овој едноставен и практичен механизам сериски се вградува кај секој Kodiaq со второ или повисоко ниво на опрема.
Многу опрема, моќен и економичен турбодизел со 190 коњски сили
Ако веќе зборуваме за опремата, вреди да напоменеме дека нашиот тестен модел беше одлично опремен. Всушност – имаше скоро сè што може да се добие кај Kodiaq. Листата на опрема започнува со трозонскиот клима уред, седиштата обвиени во кожа и алкантара, големиот, 8-инчен мултимедијален уред со екран со навигација, па продолжува со Canton аудио уредот со 9 звучници, целата лепеза на сензори и камери за паркирање со можност за приказ од птичја перспектива, затемнети задни прозорци, ролетни во задните врати, систем за одбирање на режимот за возење, адаптивен темпомат, keyless систем за отклучување, заклучување и стартување на автомобилот, LED предни и задни светла и уште многу, многу, многу други додатоци.
Нашиот тестен модел дојде опремен со врвниот турбодизел во понудата на Kodiaq, DSG автоматски менувач со двојна спојка и 7 брзини, како и пренос на сите четири тркала. Системот за погон на сите четири тркала континуирано одредува колку од моќноста да пренесе во даден момент кон задната оска, а во услови на порелаксирано возење целосно го прекинува преносот кон задните тркала со цел да ја намали потрошувачката. DSG менувачот одлично си ја врши работата и скоро неприметно ги менува степените на пренос – а кога ќе сакате самите ја превземете контролата имате лопатки на управувачот преку кои можете самите да ги менувате брзините.
Моќниот 2-литарски турбодизел нуди 190 коњски сили и 400 Nm вртежен момент кои обезбедуваат забрзување „до стотка“ за 8.8 секунди и максимални 209 километри на час. За време на неколкудневното тестирање измеривме градска потрошувачка која се движеше меѓу 8 и 9 литри дизел гориво на 100 километри – сосем респектабилно за голем теренец со 190 коњски сили кој тежи 1720 килограми.
Комфорен во град, комфорен и на отворен пат!
Системот за одбирање режим на возење ви овозможува да го прилагодите Kodiaq кон вашите барања – но во реалноста најголем дел од времето ќе го поминете во Normal режимот. Токму овој режим се покажува како идеален – управувањето е лесно, суспензијата ги впива нерамнините од нашите улици и возењето е мирно и тивко. Низ град треба да бидете подготвени дека седите зад управувачот на голем автомобил, но целата армада од сензори и камери кои беа дел од нашиот тестен модел значително го олеснуваат маневрирањето и паркирањето.
На отворен пат продолжува приказната за комфорен крстосувач – при 120 километри на час моторот „врти“ на 2000 вртежи во минута а зголемена бучавост од ретровизорите почнува да се слуша дури на значително повисоки (и не-баш-легални) брзини.
Поминавме неколку дена со големиот Škoda Kodiaq (или, како што ние го завикавме – Шкодиак) и тој не само што ги достигна, туку ги надмина нашите очекувања. Škoda ја продолжува „традицијата“ на правење комфорни, практични и пред сè рационални автомобили кои се наменети за оние кои ги ценат токму овие вредности. Оние кои бараат голем, комфорен, безбеден и врвно-опремен SUV ќе го најдат тоа кај Kodiaq – а семејните патувања ќе станат уште покомфорни и попријатни!
- 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
- Моќност: 190 коњски сили / 3500 вртежи во минута
- Вртежен момент: 400 Nm / 1750 вртежи во минута
- Максимална брзина: 209 км/час
- Забрзување 0-100: 8.9 секунди
- Должина: 4697 mm
- Ширина: 2087 mm (со странични ретровизори)
- Висина: 1676 mm
- Тежина: 1720 kg
- Меѓуоскино растојание: 2791 mm
- Багажен простор: 720 литри
- Потрошувачка: 8.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
- Цена на основниот модел: Škoda Kodiaq 1.4 TSI Active 4×2 – 21.830 Евра
- Цена на тестираниот модел: Škoda Kodiaq 2.0 TDI 190 4×4 DSG Style – 41.127 Евра
Повеќе информации: Skoda.mk
Фотографија: Дејан Маликовски