Легендарниот производител Alpine се враќа на пазарот и тоа со ретро-футуристичкиот A110!
По неколкукратните најави и многуте „тизер“ фотографии, Renault одлучи и официјално да го „воскресне“ Alpine и да го претстави новиот A110. Новиот Alpine A110 ќе биде официјално претставен на 7ми Март во Женева, но веќе ги имаме првите официјални фотографии.
Според она што го кажуваат од Renault и Alpine, новиот А110 „ги отсликува безвременските принципи на компактна големина, ниска тежина и агилност кои придонесоа кон успехот на Berlinette.“ Новиот А110 е поставен на алуминиумска платформа, а има и алуминиумска каросерија – која пак придонесува кон ниската тежина и динамичното управување.
Се очекува автомобилот да тежи само околу 1000 килограми, а веќе знаеме дека ќе забрзува до 100 километри на час за околу 4.5 секунди. Од Alpine не објавуваат ништо околу погонската единица која би се вградувала во автомобилот, но познавачите шпекулираат дека А110 ќе добие или 1.8-литарски турбо-бензинец кој е дериват на 1.6-литарскиот од Clio RS, или пак целосно нов 2-литарски турбо-бензинец кој би го делел со новиот Megane RS. Без разлика на моторот, се очекува дека спортското купе ќе има на располагање околу 300 коњски сили, но ниту оваа бројка не е официјално потврдена.