Групацијата Volkswagen го освежи првиот од трите ‘близнаци'(Skoda Citigo, VW UP! и Seat Mii), со цел да го направи попривлечен за купувачите на средината од неговиот животен век.
Новиот Citigo доаѓа со дискретни измени во дизајнот на предниот дел, кои вклучуваат нова предна решетка, поклопец на моторот, браници, светла за магла и обновени светлосни групи.
Заедно со подмладената надворешност, Skoda го „збогати“ малиот градски автомобил и со нова опрема во кабината. Внатре, купувачите ќе најдат двобојна централна конзола кај повисоките нивоа на опрема, редизајнирани инструменти, поергономични седишта, мултифункционален волан и автоматизиран клима уред.
Тука е и повеќе безбедносна опрема, додека во опција се магленки кои се активираат странично при влегување во свиоци со помала брзина. Моделот ќе се нуди со нови тркала, бои и материјали. Купувачите ќе можат да изберат помеѓу три и пет врати, додека палетата на мотори ќе содржи 1.0-литарски три цилиндарски агрегати со сила од 59 до 74 кс.