Audi го освежи хипер-хечот RS3 Sportback – сега има 400 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Audi го освежи хипер-хечот RS3 Sportback – сега има 400 коњски сили!

Не се гледа крајот на војната на коњските сили – Audi тукушто го освежи хипер-хечбекот RS3 кој сега има нов мотор и дури 400 коњски сили!

Минатата година Audi го претстави RS3 Sedan на саемот на автомобили во Париз, а сега ги пренесе истите новитети и кај „обичниот“ RS3. Хечбекот од Инголштад го добива новиот лик на Audi – нови предни светлосни групи со Matrix LED технологија, дискретно заострени линии на маската на ладилникот, редизајнирани браници и уште некои ситници – но главниот новитет е токму под поклопецот.

Таму се крие новиот 2.5-литарски турбо-бензински мотор со пет цилиндри, преземен од RS3 Sedan. Новиот мотор не само што е 26 килограми полесен од оној кој го заменува, туку нуди 33 коњски сили и 15 Nm повеќе – за вкупно 400 коњски сили и 480 Nm вртежен момент. Како и досега, RS3 се нуди исклучиво со S-tronic менувач со двојна спојка и седум степени на пренос. Моќта – како што и очекуваме – се пренесува кон сите четири тркала преку Quattro пермантниот AWD погон.

Сето ова резултира со неверојатни бројки – барем во хечбек класата. Моторот и погонот го катапултираат RS3 до 100 километри на час за само 4.1 секунда, додека максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час – но бидете фини со вашиот дилер и максималната брзина може да биде поместена на 280 километри на час.

Во кабината, најважниот новитет е Virtual Cockpit системот на Audi, поставен пред управувачот. Во RS3 тој добива специјален RS екран кој го поставува мерачот на вртежи во средина, а на страните може да бидат прикажани мерачот за вртежен момент, G-силите и притисокот во пневматиците. Дополнително, кога менувачот е во мануелен режим на работа на дисплејот се прикажува индикатор за менување на брзините при максимални вртежи.

Поврзано:  Audi го претстави новиот Q5 Sportback

Нарачките за новиот RS3 ќе започнат во Април, а првите испораки ќе бидат направени во Август. Официјалната премиера е саемот на автомобили во Женева во Март.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.