Започнуваат да се шират гласини дека следната генерација на легендарниот Golf GTI ќе користи хибриден погон за да има подобри перформанси – во истиот дух како McLaren P1, Ferrari LaFerrari и Porsche 918!
Дали следната генерација на Golf GTI ќе користи хибриден погон за да има подобри перформанси и подобра економичност? Почнуваат да се јавуваат гласини кои го тврдат токму тоа, а таквите шпекулации потекнуваат од нашите колеги од Autocar.
Тие сугерираат дека следниот, 8-ми по ред Golf GTI ќе користи (исто како и досега) 2-литарски турбо-бензинец со четири цилиндри, но поврзан на 48-волтен систем со интегриран стартер мотор. Дополнително, се шпекулира дека оваа промена е со цел да се замени традиционалниот турбополнач со електричен турбополнач. Со ова целосно би се елиминирала турбо-дупката и би се добил уште подостапен вртежен момент. Дополнително, сугерираат дека стартер-моторот ќе се користи како дополнителен засилувач до одредени режими на работа. Се најавуваат околу 260 коњски сили.
Секако, и следниот Golf GTI ќе биде базиран на MQB платформата на Volkswagen, но со зголемено меѓуоскино растојание и дополнително намалена тежина – користењето на лесни материјали би требало да значи намалување на тежината за околу 50-тина килограми.
Сето ова звучи многу интересно – бидејќи е интересно да се види како технологиите и филозофијата која во моментов ја користат врвните хипер-автомобили може да се интерпретира и да се примени кај „цивилен“ автомобил. Останува да бидеме трпеливи и да причекаме до 2020, кога е најавено дебито на новиот Golf GTI.