Исконскиот Vanquish тукушто доби грст модификации и подобрувања во изведба наречена Vanquish S.
Планиран да биде еден од конечните модели кои ќе го користат атмосферскиот 5.9-литарски V12 бензинец на Aston Martin, пред погонските единици на AMG да ја „окупираат“ гамата на Британскиот производител, Vanquish S ветува дека ќе испорача поинтензивна возбуда и уште подобри перформанси.
Главната надградба се бројните измени на моторот кој сега произведува 600 коњски сили, наместо досегашните 568 кс понудени кај „стандардниот“ Vanquish. Оваа поголема моќност е постигната благодарение на подобрување на системот за довод на воздух кон моторот. Исто така, Aston Martin ја доработи калибрацијата на осум-степенaта Touchtronic III трансмисија за да испорачува побрзa реакција во враќање на степените и порафинирано возење при ниски брзини. Последните механички модификации вклучуваат нов издувен систем со четири издувни цевки и целосно преработена суспензија.
За да ги истакне подобрувањата на перформансите, Vanquish S добива и специјален аеродинамички пакет направен од карбонски влакна. Во овој пакет спаѓаат изменет преден сплитер и нов заден дифузер, кои ќе ја зголемат потисната сила за да ја зголемат стабилноста на автомобилот. Ентериерот исто така добива измени и сега вклучува избор од специјална кожа и сјаен карбон фибер за централната конзола, а тука се и специјални опшивки на потпирачите за глава.