ТЕСТ: Toyota Auris 1.33 VVT-I Terra – Повеќе од само „основен“ модел – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Auris 1.33 VVT-I Terra – Повеќе од само „основен“ модел

Хечбекот на Toyota веќе неколку години успешно се бори со конкуренцијата на пазарот – а неодамна имавме можност да поминеме неколку дена со неговата основна изведба, и да е увериме дека нуди повеќе од тоа што неговото име сугерира.

Новиот Auris не ни е непознат. Минатата година имавме можност да се увериме во рафинираноста и економичноста на хибридната варијанта која нè убеди во талентите на хечбекот на јапонскиот производител. Но сепак – има нешто да се каже и за поедноставните модели кои со оглед на цената, можат да понудат повеќе од она кое го очекуваме.

Основниот Auris не изгледа премногу различно од поопремените изведби.

toyota-auris-terra-carclub-rear

Во својата основна изведба – Auris не изгледа премногу различно од поопремените верзии. Највеќе го „издава“ недостатокот на алуминиумски фелни – но инаку навистина не би можеле да направиме разлика. Тоа зборува многу за амбициите на Toyota и желбата да го пласира Auris на едно-две скалила погоре. Инаку – дизајнот е истиот како и кај хибридната варијанта – воглавно преовладуваат модерни и чисти линии, на предниот дел се истакнува крилестиот дизајн на маската на ладилникот која ги „зема под свое“ и предните светлосни групи, а централно гордо е поставен знакот на Toyota.

toyota-auris-terra-carclub-face

Гледан од страна, Auris ги има класичнитe линии на хечбек, а задниот дел покажува малку повеќе храброст со светлосните групи и нивната тродимензионална графика.

Типично јапонски ентериер – квалитетен и издржлив

toyota-auris-terra-carclub-interior1

Во ентериерот добиваме типично јапонска приказна – јасни контроли кои се лесни за користење, комфорни седишта и прилично добра ергономија. Би посакале малку повеќе нагодување на управувачот по длабочина, но главните забелешки завршуваат тука. Со фејслифтот кој Toyota го направи кај Auris, ентериерот доби поквалитетни материјали кои се пофини на допир. Единствена забелешка која ја имаме во однос на контролите е централно-поставениот радио уред чии контроли се малку непрактични за користење – но сигурни сме дека ќе се навикнете. Од друга страна, Auris се нуди стандардно со USB приклучок и можност за Bluetooth поврзување со мобилем телефон, а тоа е секако за поздрав.

Поврзано:  RAV-X е робусна верзија на Toyota Rav4

toyota-auris-terra-carclub-interior2

На задната клупа има доволно простор за двајца патници. Задната клупа е за нијанса потесна од оние кај директните конкуренти, но не отстапува значително. Од друга страна, на располагање ќе имате 360 литри багажен простор, кои нараснуваат на 1600 литри кога ќе ги спуштите задните седишта. Кабината е комфорно место за поминување повеќе километри, а има и доволно места за одлагање ситници.

toyota-auris-terra-carclub-interior3

Суспензија ориентирана кон комфор

Кога веќе зборуваме за минување километри, можеме да зборуваме и за искуството зад управувачот. Вистинско уживање е да се користи прецизниот 6-степен мануелен менувач – некои од директните конкуренти можат многу да научат за тоа што значи прецизен менувач токму од Auris. Управувањето е неутрално и не можете да очекувате премногу информации од подлогата – но сепак, тоа и не е намената на Auris. Од друга страна, суспензијата е очигледно ориентирана кон комфорот и во комбинација со „крофнестите“ пневматици возењето по нашите улици е мирно и релаксирано.

toyota-auris-terra-carclub-frontside

Изненадувачки економичен и агилен бензинец, многу опрема и одлична безбедност

Малиот 1.33-литарски атмосферски бензинец е основниот мотор кој се нуди во Auris. На располагање имате 99 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 128 Nm вртежен момент при 3800 вртежи во минута. Забрзувањето „до стотка“ трае 12.6 секунди а максималната брзина е 175 километри на час – адекватни бројки со оглед на моторот под поклопецот. Малиот атмосферец реагира подготвено на секое притискање на педалата за гас, а доколку умешно работите со мануелниот менувач ќе добиете задоволителни перформанси – повторно, во контекст на моторот кој е вграден.

Она што пријатно нè изненади е економичноста на малиот бензинец – официјалните бројки говорат за 5.5 литри на 100 изминати километри во комбинирани услови – ние повеќето од времето го поминавме во град и измеривме потрошувачка која се движеше некаде околу 7.5 литри на 100 изминати километри.

toyota-auris-terra-carclub-rear2

Дека не се работи само за „основен“ модел зборува листата на опрема која беше дел од нашиот тестен модел. Ќе напоменеме дека тестниот автомобил дојде со автоматски клима уред, елекрично задвижување на предните прозорци, радио-уред со USB приклучок, Bluetooth поврзување и контроли на управувачот, деллива задна клупа, LED дневни светла, LED задни светла, електрична брава, електрично нагодување на страничните ретровизори и уште многу, многу други ситници.

Поврзано:  RAV-X е робусна верзија на Toyota Rav4

Не е штедено ниту на безбедноста, па нашиот Auris дојде со грст воздушни перничиња, како и ABS со EBD, систем за контрола на стабилноста и систем за контрола на тракцијата. Auris уште при своето појавување освои максимални пет ѕвездички на EuroNCAP тестирањата.

toyota-auris-terra-carclub-ncap

На самиот крај – каков е заклучокот за бензинскиот Auris? Мораме да признаеме дека јапонскиот хечбек пријатно нè изненади со опременоста, со оглед на тоа дека се работи за основен модел во понудата, а малиот бензинец се покажа како интересен избор. Да, јасно ни е дека хибридниот Auris е значително поинтересен, но немојте да го заобиколите ниту конвенционалниот – ќе бидете пријатно изненадени.

  • Мотор: 1.33-литарски атмоферски бензинец, 4 цилиндри
  • Моќност: 99 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 128 Nm / 3800 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 175 км/час
  • Забрзување 0-100: 12.6 секунди
  • Должина: 4330 mm
  • Ширина: 1760 mm без странични ретровизори
  • Висина: 1475 mm
  • Тежина: 1285 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2984 mm
  • Багажен простор: 360 – 1600 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 5.6 литри (официјална, комбинирана) 7.5 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Toyota Auris 1.33 VVT-I Terra – 12.810 Евра
    Повеќе информации: Toyota.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.