ОФИЦИЈАЛНО: Ова е новата Opel Insignia Grand Sport! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ОФИЦИЈАЛНО: Ова е новата Opel Insignia Grand Sport!

Големиот седан на Opel станува уште поголем – но истовремено и полесен, и значително понапреден. Дами и Господа, ова е новата Opel Insignia Grand Sport!

Со желба да истакне колку новата Insignia е различна од старата, Opel дури реши да го прошири и името – па Insignia станува Insignia Grand Sport. Новиот автомобил не само што носи нов дизајн и грст нови технологии, туку е и значително полесен од стариот – во зависност од изведбата, новата Insignia GS може да биде до 175 килограми полесна, а само каросеријата е цели 60 килограми полесна. Кровот е понизок за 29 милиметри, трагата е поширока за 11 милиметри а меѓуоскиното растојание е зголемено за дури 92 милиметри.

opel-insignia-grand-sport-rear

Уште при прв контакт – дизајнот изгледа одлично. Всушност, ако ние се прашуваме, ова е најдобриот дизајн на Opel изминативе неколку години. Според она што го кажува Mark Adams – подпретседателот за дизајн на Opel – „дизајнот комбинира флуидни линии и суптилни површини со остри, прецизни линии за да ги нагласи драматичните пропорции – изгледа подолга, пониска и поширока од она што навистина е, и дефинитивно изгледа како да припаѓа на повисоките и поскапите класи.“

Секако, за борба во оваа компетитивна класа, важни се и технологиите – а тука Insignia Grand Sport нуди новитети кои не само што ќе ја направат побезбедна, туку и значително покомфорна. Insignia Grand Sport ја добива најновата генерација на IntelliLux LED Matrix предните светла, FlexRide адаптивна суспензија, но и Lane Keep Assist, Head-Up дисплеј, премиум седишта, загревање и ладење на предните и задните седишта, и уште многу, многу други технологии.

opel-insignia-grand-sport-interior

Од Opel сèуште не објавуваат кои мотори ќе се вградуваат во новата Insignia Grand Sport, но веќе знаеме дека ќе се нуди нов, 1.5-литарси турбо-бензинец со 163 коњски сили и 250 Nm вртежен  момент. На самиот старт би требало да се понуди и 2-литарски турбо-бензинец со 247 коњски сили, кој ќе се нуди со 8-брзински автоматски менувач и погон на сите четири тркала. Во понудата ќе има и турбодизели со зафатнина од 1.6 и 2 литри, а се очекува тие мотори да нудат најмалку 110 коњски сили.

Поврзано:  ВОЗЕВМЕ: Opel Grandland Electric и Hybrid - Прв контакт со новиот знаменосец на SUV-гамата на Opel.

Повеќе информации за новата Insignia Grand Sport ќе имаме следната година, кога Opel ќе го претстави новиот седан на Саемот на Автомобили во Женева.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.