ТЕСТ: Nissan Navara 2.3 dCi N-CONNECTA – Чекор кон пофини нешта – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Nissan Navara 2.3 dCi N-CONNECTA – Чекор кон пофини нешта

Новата Navara воведува измени во сегментот – нуди работи кои досега не сме ги очекувале во оваа класа, и имавме можност подобро да го запознаеме големото мултинаменско возило на Nissan!

Сегментот на комерцијални товарни возила не трпи многу „експерименти“ – ова се возила кои имаат конкретна намена и конкретна цел. Ова се возила од кои се очекува многу и тие во ниту еден момент не смеат да ги разочараат своите сопственици. Во сегментот каде јапонските производители владеат, а европските пробуваат да влезат со свои натпреварувачи, навистина нема простор за „маневар“ – и токму тоа го искористи Nissan за успешно да „изманеврира“ некои неочекувани измени.

Nissan нуди нешто ново во сегментот – со новата Navara нудат мултилинк задна суспензија!

Новата Navara е интересна поради многу причини. Nissan е меѓу ретките (ако не и единствениот) производител на вакви возила кој реши класичната изведба на задната суспензија со лиснати пружини да ја замени со модерна и напредна интерпретација – односно на задната оска да постави мултилинк. Да – големиот пикап на Nissan доби независна суспензија, а сето тоа придонесе кон култирните манири на овој „работник“.

nissan-navara-rear2

Сепак, пред да зборуваме за тоа, да зборуваме малку за работните карактеристики на големиот пикап. (Да, ова е голем, голем пикап.) Navara може да пренесе товар со вкупна тежина од 1 тон. Може да влече 3.5 тони, и може да пристапи до нагорнини или надолнини до скоро 30 степени – а сето тоа ја прави големата Navara да биде робустен и корисен соработник.

Дополнително, мораме да признаеме дека новата Navara навистина изгледа одлично. Во период кога (јапонските) конкуренти ги прават своите модели да изгледаат вонземски и несекојдневно, Navara привлекува со своите покласични и порезервирани линии. Ние сме почитувачи на класичните и едноставни форми, па ни се допаднаа чистите линии и едноставните површини. На предниот дел доминираат големата хроминара маска на ладилникот и големите светлосни групи, додека од страна и од позади приказната е добро позната – чисти линии ориентирани кон функционалноста.

Робустен ентериер кој треба да ги издржи сите тестови на времето

nissan-navara-interior2

И во ентериерот продолжува слична приказна. Нашиот тестен модел дојде одлично опремен, па уживавме во многу опрема и одлична прегледност. Бидејќи се работи за возило со конкретна намера, прегледноста мора да е одлична, но бидејќи имавме на располагање одлично опремен модел, пријатно бевме изненадени од сите играчки кои ни беа достапни. Ќе го пофалиме мултимедијалниот уред кој нуди и навигација, а ни се допаднаа и комфорните седишта и деталите обложени со кожа. Како на предните седишта, така и на задната клупа има повеќе од доволно простор, но поради обликот на кабината наслонот на задната клупа е исправен, а тоа може да не им биде комфорно на патниците при возење кон подалечни дестинации.

nissan-navara-interior1

Единствената забелешка што ја имаме кон ергономијата е ограниченоста на нагодувањето на управувачот – тој се нагодува по височина, но не и по длабочина.

Поврзано:  Официјално отворен новиот продажен центар на Dacia и Nissan

Секако – за багажниот простор навистина не мора премногу да зборуваме – ова е пикап, а тоа значи дека можете да пренесете скоро сè што ќе посакате. Не сме сигурни, но мислиме дека во задниот дел би можеле без поголем проблем да сместиме една-две генерации постара Nissan Micra.

nissan-navara-loadbay

Мултилинкот ја прави Navara да биде неочекувано рафинирана на асфалтиран пат

Сега можеме да зборуваме малку и за возењето. Опремена со големиот, 2.3-литарски dCi, нашата тестна Navara имаше на располагање 190 коњски сили и 450 Nm вртежен момент. Моторот звучи моќно и подготвено, но не е меѓу нарафинираните во сегментот. Дополнително, имаме забелешка кон менувачот кој е непрецизен и со долг од, па би го препорачале автоматскиот (кој верувале или не, потекнува од луксузниот огранок на Nissan – Infiniti). Сепак, во секоја ситуација и при било кои вртежи, кога ќе ја притиснете педалата за гас, моторот повлекува моќно и суверено, како ништо да не може да го запре. Сето тоа се должи на двата турбополначи кои стојат на располагање и одличните 450 Nm вртежен момент. Според официјалните податоци забрзувањето до 100 километри на час трае 10.8 секунди, а максималната брзина е 184 километри на час.

nissan-navara-front3

Во возење, се забележуваат корените на Navara – ова не е кросовер, и не смеете да очекувате такви однесување на патот. Ова е автомобил наменет за работа и за совладување тешки терени, а овој дух е јасно истакнат. Сепак, мораме да ја пофалиме задната мултилинк суспензија која ја прави Navara некарактеристично рафинирана во однос на класата и директните конкуренти. Да, некои од конкурентите имаат подобри материјали во ентериерот, но рафинираноста која Navara ја нуди не може да ја достигне скоро ништо друго во сегментот.

Поврзано:  Пристигна освежениот Nissan Qashqai

nissan-navara-rear1

Излезете на отворен пат и придржувајте се до законските ограничувања, и Navara е комфорна (и релативно) тивка. Почнете да се движите побрзо и станува јасно дека ова не е најаеродинамичниот автомобил на светот. Во кабината се пренесува бучавост како од моторот, така и од ветрот – но тоа е забелешка која важи кај сите припадници на овој сегмент, па нема да и замериме на големата Navara.

Тесните градски улици не се идеалната територија на Navara

nissan-navara-front1

Во град, Navara бара малку повеќе внимание. Да, седите високо и прегледноста е одлична, но сепак се работи за голем, голем автомобил. Всушност, Navara нема да ја собере во стандардно место за паркирање, па ќе треба да бидете малку повнимателни кога ќе одбирате каде да ја оставите. Сепак, сме возеле и поголеми автомобил без потешкотии. Мораме да ја пофалиме задната паркинг камера која го прави паркирањето бесконечно многу полесно – едноставно, не смеете да ја нарачате вашата Navara без овој додаток – верувајте ни.

nissan-navara-front2

Насочете ја Navara кон „калливите работи“ и ќе бидете пријатно изненадени – во најмала рака, Navara е компетентнта. Во реалноста, ова е подобар теренец од многу од другите „теренци“ кои се нудат. Чувството зад управувачот е како да возите нешто незапирливо – а тука огромна улога игра и растојанието од подлогата кое изнесува 223 милиметри. Погонот на сите четири тркала, можноста за блокада на диференцијалот, големите пневматици наменети за теренско возење и компетентната шасија ја прават Navara способна и доверлива кога ќе го напуштите асфалтот. Се гледа дека јапонците го искористиле своето долгогодишно искуство да понудат автомобил кој има многу различни таленти.

Navara е наменета за оние кои имаат животен стил кој бара вакво возило – а за тие луѓе, Navara ќе биде доверлив, практичен и способен партнер!

nissan-navara-rear3

На самиот крај – какви се нашите заклучоци за Navara? Овој сегмент не е многу популарен кај нас, но конкуренцијата е силна. Ваквите возила се наменети за оние на кои или им е потребно возило со вакви карактеристики за работните обврски, или пак имаат животен стил кој налага вакво возило – оние со авантуристички дух. Ова не е „позерско“ возило, ова не е „за до продавница“ и качување на високите ивичници во урбаната џунгла – ова е сериозно, компетентно и моќно возило кои навистина треба да го користите за да го оправдате – но доколку ви треба, нема да згрешите ако ја одберете Navara.

  • Мотор: 2.3-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 190 коњски сили / 3750   вртежи во минута
  • Вртежен момент: 450 Nm / 1500 – 2500 вртежи во минута
  • Менувач: Мануелен, 6 брзини
  • Максимална брзина: 184 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.8 секунди
  • Должина: 5300 mm
  • Ширина: 2075 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1850 mm
  • Тежина: 1963 kg
  • Висина од подлогата: 223 mm
  • Меѓуоскино растојание: 3150  mm
  • Носивост: 1047 килограми
  • Можност за влечење: 3500 килограми
  • Багажен простор: Неограничен
  • Потрошувачка: 7.4 литри на 100 километри (официјална, градска), 10.1 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Nissan Navara 2.3 dCi 4WD 190 DC N-CONNECTA – 48.720 Евра
    Повеќе информации: Nissan.mk
Поврзано:  Пристигна освежениот Nissan Qashqai

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.