Hyundai постави брзински рекорд за хибридни возила со Ioniq специјално подготвен според FIA стандарди и систем за нитро-вбризгување!
Локацијата е Boneville Salt Flats, а специјално подготвениот Ioniq постави максимална брзина од 253.994 километри на час. Специјално подготвениот Ioniq покрај аеродинамичните подобрувања, има и нитро-систем кој дополнително му ја зголеми моќноста.
„Не можеме да бидеме повеќе горди! Поставивме рекорд во FIA хибрид-категоријата со новиот Ioniq Hybrid.“ – изјави претседателот на Hyundai Motor America – Mike O’Brien, и додаде – „нашиот тим на инженери навистина ги помести границите за да постави нов бенчмарк во сегментот, а истовремено да ја демонстрира издржливоста на Ioniq платформата. Сигурни сме дека ова е првиот од многу успеси за Ioniq.“
Специјално-подготвениот Ioniq има посебен систем за „дишење“ кој е помалку рестриктивен, но и рекалибрирани мотор и трансмисија, како и изменет процесор. Извадени се клима уредот и уште некои системи со цел да се намали тежината, а поради истата причина извадени се и некои елементи од ентериерот. Секако, не смееме да го заборавиме ниту нитро-уредот. Во поглед на аеродинамиката, изменета е предната маска на ладилникот, додадени се подобрувања под автомобилот, а доработена е суспензијата и стандардните тркала се заменети со лесни аеро тркала и специјални гуми. Бидејќи автомобилот ги исполнува FIA-спецификациите, додаден е безбедносен кафез во ентериерот, како и Sparco безбедносен појас со 6 точки на поврзување, тркачко седиште, противпожарен систем и други безбедносни додатоци.