ТЕСТ: Ford S-Max 2.0 TDCi Titanium Powershift – Кога семејните вредности се најважни! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Ford S-Max 2.0 TDCi Titanium Powershift – Кога семејните вредности се најважни!

Големите семејни транспортери се реткост кај нас, па затоа со задоволство го прифативме предизвикот подобро да го запознаеме големиот S-Max на Синиот Овал!

Кога за прв пат ќе го видите новиот Ford S-Max, првата мисла која ќе ја добиете е – „мајко мила, чудово е големо!“ И да, ќе бидете апсолутно во право – Ford S-Max е голем, голем автомобил. Од некои агли, изгледа како краевите да му се во две различни временски зони. Како да треба да ќе ви требаат две паркинг места. Како да ќе треба да спуштите сидро кога ќе паркирате.

ford-s-max-carclub-fronthigh

Но погледнете подобро, и ќе видите дека и не е баш тоооолку голем. Базиран на CD4 платформата на Ford, S-Max дели многу од „замастените“ делови со Mondeo. А тоа значи слично меѓуоскино растојание и слични димензии со популарниот седан на Синиот Овал. Всушност, S-Max е нијанса пократок од Mondeo, но има идентично меѓуоскино растојание и нуди три реда седишта!

S-Max го одликуваат чисти линии без непотребни детали – тука формата ја следи функцијата

ford-s-max-carclub-rearlow

Сепак, пред да зборуваме за сето тоа, да зборуваме малку за дизајнот. Новиот S-Max беше претставен на пазарот минатата година, и веднаш постави нови стандарди во својот сегмент. Новиот автомобил изгледа модерно и ги следи тековните дизајнерски насоки на Ford, но онаму каде минатата генерација беше со поспортски дизајнерски линии, новиот S-Max е повозрасен, повоздржан – позрел. Го одликуваат чисти линии кои се вртат околу целиот автомобил кои започнуваат од големата маска на ладилникот, и завршуваат со големите задни светлосни групи. Сепак, уште при првиот контакт станува јасно дека примарната цел на дизајнерите била да се истакне (и подобри) практичноста, отколку нешто друго.

Се гледа дека луѓето кои работеле на S-Max имаат семејства и деца, и дека посветиле многу внимание токму на овие детали

ford-s-max-carclub-interior-front

Сега веќе можеме да зборуваме за ентериерот и практичноста – она најважното кај новиот S-Max. Ја отвораме големата возачка врата и влегуваме во ентериерот. Предните седишта се идеални – големи, комфорни и со доволно странична поддршка. Изненадува просторноста на S-Max – иако ова е голем автомобил, сепак не очекувавме такво чувство на комоција во ентериерот. Сите команди се лесни за разбирање и наоѓање, а насекаде има места за одлагање ситници. Се гледа дека дизајнерите на Ford имаат семејства и деца, и дека посветиле доволно внимание на сите детали.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

ford-s-max-carclub-interior-front2

Време беше да ангажираме стручен соработник!

Сепак, ова е семеен автомобил, а во нашата редакција моментално никој нема деца – па решивме да ангажираме надворешни консултанти кои подобро ќе можат да ги истражат карактеристиките на S-Max.

ford-smax-carclub-konsultanti1

Запознајте го Мац. Всушност, запознајте го Мац, и неговата весела банда која се состои од Марко, Николија и Никола. Покрај тоа што се најголемите фанови на Avengers во Македонија, Марко, Николија и Никола се одлични кандидати за вистинско тестирање на практичноста и семејните карактеристики на S-Max.

Во моментов Мац вози компактен хечбек за кој дополнително користи кровен куфер, за да може да ги задоволи потребите на сопругата и веселата дружина – па во потрага е по попрактично возило. Веселата дружина веднаш беше фасцинирана од просторот кој им стои на располагање во S-Max – беа опседнати со третиот ред седишта и по малата војна која изби за тоа кој да седи на крај, успеавме да ги сместиме во средниот ред и да откриеме дека во таа конфигурација има повеќе од доволно простор за сиот багаж кој тие обично го носат при патување.

ford-smax-carclub-konsultanti2

Децата беа маѓепсани од податокот дека средниот и третиот ред седишта можат целосно да се спуштат и да бидат рамни со подот, а тие да имаат многу простор за разно-разни бељи, односно активности.

ford-smax-carclub-konsultanti4

На самиот крај, Мац ни потврди дека Ford S-Max потполно ги задоволува потребите на едно надпросечно семејство, а тоа зборува многу за габаритот и практичноста на S-Max – средниот ред седишта има три индивидуални места за седење, кои можат да се поместуваат нанапред и наназад, да се нагоди аголот на наслонот, или пак целосно да се преклопат.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

ford-smax-carclub-konsultanti3

Слична флексибилност нудат и седиштата во третиот ред, но тие сепак дефинитивно се наменети за деца. Доколку ситуацијата тоа го побарува, можат и возрасни да се возат на третиот ред, но не би го препорачале тоа на подолги релации. Со сите три реда седишта во употреба, багажниот простор нуди само 280 литри зафатнина. Но спуштете го третиот ред седишта и таа бројка расте на 700 литри, а преклопете го и средниот ред седишта и ќе имате на располагање пештерски 2305 литри багажен простор. Плус, со сите седишта спуштени и соодветен душек, во просторот комфорно би можел да спие и возрасен човек. Проверивме!

ford-s-max-carclub-seats

Платформата од Mondeo гарантира и доза забава зад управувачот.

Бидејќи ја дели платформата со Mondeo, S-Max може да понуди и одредена доза забава зад воланот. Во ред, ова не е спортски автомобил, ниту пак тоа му е намената, но сепак управувањето е задоволувачки директно и прецизно. Очекувајте навалување во свиоци, но со оглед на големината на S-Max тоа воопшто не би требало да ве изненади. Од друга страна, суспензијата успешно ги впива нерамнините од македонските патишта, па сигурни сме дека патување и на подолги релации воопшто не би претставувало проблем.

ford-s-max-carclub-front

Економичен турбодизел во совршена комбинација со Powershift автоматски менувач

Нашиот тестен автомобил дојде опремен со добро-познатиот 2-литарски TDCi на Ford кој испорачува 150 коњски сили, но во комбинација со Powershift автоматскиот менувач. Powershift е всушност Ford-овата интерпретација на менувач со двојна спојка, и можеме да потврдиме дека е идеално погоден за S-Max. Всушност, токму ова е комбинацијата која ние би ја препорачале, бидејќи одличниот автоматски менувач совршено му одговара на карактерот на семејниот транспортер. Дволитарскиот турбодизел испорачува 150 коњски сили и 350 Nm вртежен момент, а преведено во перформанси тоа значи 100 километри на час за 10.8 секунди и максимална брзина од 196 километри на час. За време на нашето тестирање, просечната потрошувачка изнесуваше 7.5 литри дизел гориво на 100 изминати километри.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

ford-s-max-carclub-interior-dials

Возењето е лесно а прегледноста е одлична со оглед на големината. Нашиот тестен модел дојде опремен со предни и задни паркинг сензори, но ние сепак би ви препорачале да си нарачате и задна паркинг камера како дел од опремата – ќе ви помогне! Ќе го истакнеме и клима уредот, новиот SYNC 3 мултимедијален систем кој е чувствителен на допир, и многуте други ситници кои го прават S-Max комплетно семејно пакување. Секако, бидејќи се работи за семеен автомобил, не смееме да ја заборавиме ниту безбедноста – S-Max доаѓа со цел грст на системи за активна и пасивна безбедност, и има максимални 5 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата.

ford-smax-euroncap

Заклучокот? Доволно простор за вас, вашето семејство, кучето и сиот багаж кој ви е потребен!

Значи, кои се нашите заклучоци од времето поминато со S-Max? Па, ова е дефинитивно еден од најпрактичните автомобили кои сме ги возеле. Прифатете ја големината на S-Max, и добивате идеално семејно возило во кое ќе го пренесете целото семејство, кучето и сиот багаж кој ви е потребен. Ќе стигнете онаму каде треба во идеален комфор, тивко и економично – а тоа се вистинските вредности на семејно возило, зарем не?

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 150 коњски сили / 3200 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 350 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, Powershift со двојна спојка
  • Максимална брзина: 196 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.8 секунди
  • Должина: 4796 mm
  • Ширина: 2137 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1655  mm
  • Тежина: 1658 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2850 mm
  • Багажен простор: 280 / 700 литри
  • Потрошувачка: 7.5 литри на 100 километри (измерена)
  • Цена на тестираниот модел: Ford S-Max 2.0 TDCi 150 Titanium Powershift – 39.620 Евра
    Повеќе информации: Ford.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.