SEAT го освежи Leon – добива затегнат дизајн и нови мотори! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

SEAT го освежи Leon – добива затегнат дизајн и нови мотори!

Фејслифтираниот Leon доаѓа со грст промени кои не можете да ги видите, но и со затегнат дизајн и освежен ентериер!

На површината, можеме да видиме дека Leon добива позатегнат и подинамичен дизајн. Одговорниот за дизајн во Seat – Alejandro Mesonero Romanos – кажува дека „целта била да се хармонизираат сите делови на Leon, особено предниот и задниот дел со страниците на автомобилот.“ Од она што можеме да го видиме, дизајнерите на Seat ги истакнале динамичните карактеристики на Leon, но му додале и поширока маска на ладилникот, позатегнати линии и редизајнирани LED светла.

seat-leon-fl-rear

Во ентериерот добиваме LED амбиентално осветлување кое може да се контролира преку инфозабавниот уред. Дополнително, дизајнерите и инженерите работеле на тоа да ја намалат бројката на прекинувачи во кабината, а место стандардните инструменти може да се нарача и да се добие дигиталниот панел со инструменти кој веќе се вградува во други модели на Volkswagen групацијата – но исто како што Leon во оваа класа прв доби LED предни светла, така сега прв добива целосно дигитален панел со инструменти. Вреди да се истакне дека Leon добива и систем за безжично полнење на мобилни уреди во централната конзола.

seat-leon-fl-interior

Меѓу другите новитети, луѓето од SEAT го истакнуваат Traffic Jam Assist кој му овозможува на автомобилот сам да забрзува и успорува при брзини до 60 километри на час. Тука е и адаптивниот темпомат, и новиот, напреден систем за автоматско паркирање. Кај Leon новитет е и новиот XCELLENCE пакет на опрема кој им овозможува на купувачите да добијат поелегантен изглед на Leon и ентериер обвиен во алкантара или кожа.

Покрај визуелните измени, LEON добива и два нови мотори – за прв пат ќе го добие 1-литарскиот TSI кој испорачува 115 коњски сили, како и нов 1.6-литарски TDI кој исто така нуди 115 коњски сили. Во понудата остануваат и другите мотори кои досега се нудеа, па можете да добиете меѓу 90 и 184 коњски сили кај турбодизелите, и меѓу 110 и 180 коњски сили кај турбо-бензинците.

SEAT најавува и освежена Leon Cupra која би требало наскоро да ја видиме. Со оглед на тоа дека во моментов Leon Cupra 290 испорачува – погодувате – 290 коњски сили, не би биле изненадени ако освежениот спортски знаменосец на Leon гамата ја надмине бројката од 300 коњски сили!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.