ТУРБО ТЕСТ: Porsche 718 Boxster S – Нескриен талент! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТУРБО ТЕСТ: Porsche 718 Boxster S – Нескриен талент!

Германскиот производител направи значителна измена кај својот најмал автомобил – го намали моторот и му додаде турбополнач. Ние имавме можност накратко да го запознаеме новиот 718 Boxster S, и ова се нашите впечатоци од роудстерот на Porsche!

Сите љубители на автомобилите знаат дека ништо не може да го замени врескачкиот атмосферски бензинец – особено кога е добро „навиен.“ Најмалиот член на Porsche фамилија – популарниот Boxster до неодамна се нудеше со вокален, 6-цилиндерски бензинец во „боксер“ конфигурација и меѓу ентузијастите беше етаблиран како вистинскиот избор за оние кои сакаат мал, брз, динамичен и карактерен автомобил.

porsche-718-cayman-s-carclub-side

Со самото додавање на ознаката 718 во името, требаше да биде јасно дека инженерите на Porsche се сериозни!

Кога Porsche неодамна го освежи малиот Boxster, направи нешто што малкумина го очекуваа – го замени боксерскиот 6-цилиндерски мотор со помал, кој сега има четири цилиндри. На равенката додаде турбополнач и според многумина, ја „осквернави“ чистотата на Boxster и Cayman. Сепак, со самото додавање на ознаката „718“ во името и референцирањето на тркачкиот автомобил на Porsche од доцните 50-ти и рани 60-ти, требаше да биде јасно дека инженерите се сериозни, и дека не е само обично додавање на турбополнач.

porsche-718-cayman-s-carclub-rear

Резултат на сето тоа се два нови мотори – помалиот, кај Boxster е со зафатнина од 2 литри и испорачува 300 коњски сили и 380 Nm вртежен момент. Поголемиот (и оној кој ние имавме можност да го пробаме) се вградува во Boxster S, има капацитет од 2.5 литри и нуди одлични 350 коњски сили и 420 Nm вртежен момент. Комбинацијата е идеална – 100 километри на час пристигнуваат за само 4.6 секунди, максималната брзина е дозволоодземувачки 285 километри на час – и сето тоа под отворено небо!

Малиот роудстер ми го привлече вниманието

porsche-718-cayman-s-carclub-key

Во рамки на овогодинешниот Porsche Road Tour, имавме можност да поминеме малку време токму со Porsche 718 Boxster S. Малиот црвен роудстер едноставно ми го задржа вниманието – како со освежениот дизајн, така и со црвената боја. Го „грабнав“ клучот, го спуштив подвижниот платнен кров и подготвен бев да тргнам. Како и сите модели на Porsche, и кај Boxster S има неколку режими на работа – веднаш одбрав Sport+ и во првиот можен момент ја „закопав“ педалата за гас длабоко во патосникот.

Поврзано:  Новиот електричен Porsche Macan официјално лансиран и во Македонија!

porsche-718-cayman-s-carclub-interior

Сите кои тврдат дека Boxster со новиот мотор изгуби од својот карактер – глупости!

Сите оние кои тврдат дека звукот и карактерот на Boxster е изменет со новиот мотор, и дека автомобилот веќе не звучи така како што звучел – глупости. Благодарение на турбината со варијабилна геометрија, реакцијата на притискањето на педалата за гас е инстантна, а спортскиот издувен систем му дава на Boxster S карактер на кој многумина можат само да завидуваат. Новиот 718 Boxster S јасно и гласно го прочистува грлото и го става на знаење своето присуство. Сето тоа е во соработка со истата, динамична, респонзивна и разговорлива шасија, па автомобилот влева доверба во неговите можности и таленти. Одличните 350 коњски сили се достапни на 6500 вртежи во минута и вистинско задоволство е да се „бркаат“ високите бројки.

Ова е автомобил во кој е лесно да уживам, и тоа во скоро секоја ситуација – и „викендашки“, но и секојдневно – за до продавница, за до било каде. Всушност – таков е двојниот карактер на Boxster – во Sport+ режимот е вистински спортски автомобил – динамичен и агресивен. Но префрлете во Normal и автомобилот станува потивок, помек, попријателски настроен кон секојдневното користење. Вистински Др. Џекил и Мистер Хајд.

Mоето време со 718 Boxster S беше кратко, но незаменливо. Доволно ми беше за да се уверам дека Boxster нема изгубено ниту трошка од својот карактер и дека сè уште е еден од најинтересните автомобили во гамата на Porsche. Всушност, 718 Boxster S е еден од оние, остварливите автомобили од соништата!

  • Мотор: 2.5-литарски турбо боксер бензинец
  • Моќност: 350 коњски сили / 6500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 420 Nm / 1900 – 4500 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, PDK
  • Максимална брзина: 285 км/час
  • Забрзување 0-100: 4.6 секунди
  • Должина: 4379 mm
  • Ширина: 1801 mm
  • Висина: 1280 mm
  • Тежина: 1355 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2475  mm
  • Багажен простор: 275 литри
Поврзано:  Porsche Клуб Македонија го прослави третиот роденден

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.