ТЕСТ: Lexus RX 450h President – Опуштен јапонски луксуз – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Lexus RX 450h President – Опуштен јапонски луксуз

Неодамна имавме можност да поминеме викенд со големиот и луксузен хибриден SUV на Lexus, кој нуди интересна алтернатива на доминантните германци!

Време е да се соочиме со реалноста – хибридните технологии земаат сè поголем замав. Иако многумина (најверојатно оправдано) ги гледаат само како чекор кон целосна електрификација на возилата, сепак хибридите имаат свои предности за кои човек навистина да ги препознае, треба да помине малку време токму со ваков автомобил.

Неодамна имавме токму таква можност – поминавме цел викенд и неколку стотици километри со големиот и луксузен хибриден SUV на Lexus. Кога премиум-огранокот на Toyota нешто прави, сите внимателно гледаат, бидејќи неретко токму од Lexus гледаме кон иднината на нештата. Токму Lexus беше меѓу првите кои понудија хибриден автомобил и кога сите гледаа кон овие автомобил со неверување, јапонците упорно (и некои би рекле тврдоглаво, но без сомнеж успешно) си ја работеа работата.

lexus-rx450-carclub-side

Конкуренцијата меѓу премиум SUV моделите е силна. Германците веќе подолго време нудат квалитетни и докажани автомобили, а од неодамна во играта се впуштија и швеѓаните кои нудат вистинска алтернатива на „естаблишментот.“ Кога ќе го земеме тоа во предвид, што всушност останува за Lexus?

Различен, дури вонземски дизајн!

lexus-rx450-carclub-front2

Ќе започнеме со дизајнот – големиот RX изгледа како да е од сосем друг свет. Ако примарните конкуренти изгледаат малку конзервативно, тогаш RX е футуристички, динамичен и вонземски. На предниот дел доминира големата, широка решетка, страничниот дел е „искршен“ благодарение на неконвенционалните линии, а приказната со авантгардниот дизајн продолжува и на задниот дел. Во ред, можеби дизајнот нема да биде по сечиј вкус, но ние ќе го наречеме контраверзен и ќе ја оставиме дискусијата таму – нам ни се допадна, но сепак ќе ги разбереме оние кои сакаат малку поконвенционални форми. Насекаде ќе забележите интересни и алтернативни детали – од тродимензионалната графика на задните светла, па сè до големата, агресивна предна маска на ладилникот.

Типично „лексусовски“ ентериер – беспрекорна изработка, врвни материјали

lexus-rx450-carclub-interior-front1

Ја отвораме вратата и нè пречекува типично „Лексусовски“ ентериер. Но тоа не е критика – напротив, јапонскиот производител ги прави меѓу најдобрите ентериери на планетата – сите материјали кои ќе ги допрете се пријатни на допир, завршната обработка е беспрекорна, а ергономијата е одлична. Сите команди се лесни за користење, а особено ни се допаднаа класичниот, полу-дрвен управувач и интерфејсот за мултимедијалниот уред кој користи „глувче“. Некои го критикуваат, но нам ни се покажа како интуитивен, лесен за користење и брз. Во ред, има мала крива на навикнување, но навистина немаме критики за него. Вреди да го пофалиме и одличниот Mark Levinson аудио уред – аудиофилите ќе бидат задоволни!

lexus-rx450-carclub-interior-rear

Сместете се во кожните седишта, и лесно ќе пронајдете комфорна возачка позиција. Прегледноста е задоволителна, освен кон задниот дел – но маневрирањето го олеснуваат сензорите за паркирање и задната камера. Сепак, немојте да заборавите – Lexus RX е голем автомобил, па добро е што сензорите се дел од сериската опрема! Големиот, панорамски стаклен кров дозволува многу светлина да продре во кабината, па во ентериерот преовладува чувство на смиреност.

lexus-rx450-carclub-opendoors

На задната клупа комфорно ќе се сместат двајца до тројца патници, а седиштата се поместуваат нанапред или наназад и се нагодува аголот на наслонот на задната клупа – комфорно и практично! На располагање стојат 453 литри багажен простор со исправени задни седишта, односно 924 литри со спуштени. Во кабината има многу места за одлагање ситници, а за оние кои работат во движење, тука е можноста за wireless полнење на мобилни уред.

3.5-литарски V6, два електромотори, CVT менувач

lexus-rx450-carclub-rear

Во ред – време е да се движиме. Го стартуваме хибридниот погон на големиот RX, и веќе сме подготвени да тргнеме. Бензинскиот мотор сè уште спие, па првото движење е на електрична енергија. Иако RX не е првиот хибрид кој сме го возеле, сепак, секој пат кога седнуваме зад управувачот на ваков автомобил искуството е ново. Движењето во апсолутна тишина, без бензински мотор е искуство кое секој треба да го доживее. Интересно е што и минувачите реагираат на безшумното движење, обично со изненадување и неверување.

Бидете внимателни со педалата за гас и можете комфорно да се движите на електрична енергија. Автономијата на струја не е голема – но бидејќи се работи за хибрид, бензинскиот мотор континуирано ги полни батериите, а тие се полнат и преку сопирачките. Кога посилно ќе ја притиснеме педалата за гас, големиот V6 бензинец со зафатнина од 3.5 литри се буди и е подготвен да испорача перформанси кои се повеќе од адекватни. Бензинецот нуди 262 коњски сили и 335 Nm вртежен момент, додека двата електромотори испорачуваат дополнителни 167 коњски сили и 335 Nm вртежен момент, како и 68 коњски сили и 139 Nm вртежен момент.

Посилниот електромотор ги придвижува задните тркала, додека другиот е задолжен за предните. Вкупната системска моќност е 313 коњски сили, која резултира со забрзување до 100 километри на час за 7.7 секунди и максимални 200 кииометри на час. Континуирано варијабилната трансмисија (CVT) нема да биде по сечиј вкус, но тука е со причина – ваквиот менувач секогаш го „држи“ моторот во идеалниот распон на вртежи за максимална економичност – а сето тоа резултира со потрошувачка која се движи меѓу 10 и 12 литри бензин на 100 километри во градски услови – бројки кои се скоро неверојатни за автомобил со овие димензии! Сепак, тука е Sport+ режимот кој успешно симулира класичен автоматски менувач, за оние кои сакаат малку подинамично возење.

Карактерот на големиот хибриден SUV наметнува опуштено возење

lexus-rx450-carclub-interior-dash

Но да бидеме искрени, динамичното возење не е во духот на големиот RX. Големиот SUV на Lexus наметнува релаксирано и опуштено возење. Перформансите се тука доколку ви затребаат, но на RX највеќе му одговара лежерноста. Прифатете го тоа како дел од карактерот на хибридните автомобили, и многу полесно и побрзо ќе се услогласите со големиот јапонски хибриден SUV. Уживајте во беспрекорно изработениот ентериер, во сите хај-тек играчки кои ги нуди (а нуди многу!), пронајдете се во квалитетните материјали и чувството на смиреност кои ги нуди RX, и веднаш ќе ја разберете неговата вистинска поента.

Големите, 20-инчни тркала и суспензијата успешно ги впиваат нерамнините од нашите улици. Одвреме-навреме се случува да се пренесат вибрации во кабината, но тоа е навистина ретко. Воглавно, возењето во RX е синоним за комфор и изолација. Управувањето е директно, но сепак во рамките на класата. На автопат за момент ќе ве изненади бучноста која резултира од CVT трансмисијата, но дајте му неколку моменти и RX ќе се трансформира во комфорен и брз крстосувач.

Многу „играчки“, врвна безбедност

lexus-rx450-carclub-interior-front2

На самиот крај, би можеле да зборуваме за опременоста на нашиот тестен модел, но навистина – нема да имаме место да ги наведеме сите „додатоци“ со кои дојде автомобилот. Сепак, вреди да се напомене дека останавме импресионирани од сите играчи, и ќе ги истакнеме мултимедијалниот уред со навигација, загревањето (и ладењето!) на седиштата, одличниот Mark Levinson аудио уред, можноста за USB и Bluetooth поврзување, можноста зa wireless полнење на мобилен уред, корисниот Head-Up дисплеј, мноштвото сензори и камери, и уште многу, многу други ситници кои едноставно, еден премиум автомобил мора да ги има. Секако, Lexus RX не заостанува ни кога е безбедноста во прашање – покрај многуте воздушни перничиња, тука се и системите за активна и пасивна безбедност, автоматско кочење, итн – за што сведочат максималните 5 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата.

lexus-rx450-carclub-ncap

Како што веќе кажавме – конкуренцијата меѓу луксузните производители е голема. Германците имаат докажани (и популарни) модели во оваа класа, па кој и да сака да им ги заплетка конците, мора да понуди навистина интересна (и компетентна) алтернатива. Новиот Lexus RX е играч за кој може да се каже дека доаѓа надвор од теренот, па нуди и малку поразличен пристап кон луксузот. Адаптирајте го својот стил на возење на неговиот карактер и ќе добиете автомобил кој ќе ве однесе каде и да посакате, во апсолутен комфор и идеален мир – а нели тоа е вистинската одлика на луксузните автомобили?

  • Мотор: 3.5-литарски V6 бензинец, два електромотори
  • Моќност: 263 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 335 Nm / 4600 вртежи во минута
  • Системска моќност: 313 коњски сили
  • Менувач: Автоматски, CVT
  • Максимална брзина: 200 км/час
  • Забрзување 0-100: 7.7 секунди
  • Должина: 4890 mm
  • Ширина: 2180 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1685  mm
  • Тежина: 2205 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2790 mm
  • Багажен простор: 453 литри
  • Потрошувачка: 10.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Lexus RX 450h President – 83.900 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.