Шведскиот производител ја комплетираше гамата базирана на S90 – по караванот V90, го претстави и робустниот V90 Cross Country кој има теренски амбиции, но во премиум амбиент!
Вреди да се потсетиме дека Volvo ја започна Cross Country гамата пред скоро 20 години, кога за прв пат претстави ваков модел. Според Volvo, Cross Country моделите се особено значајни за нивното портфолио, бидејќи купувачите на луксузни возила имаат животен стил кој повремено налага возење надвор од асфалтот. Претседателот на Volvo – Hakan Samuelsson – го формулира тоа вака – „Volvo V90 Cross Country ја зема елеганцијата на V90 и ја трансформира во возило кое испорачува безбедност, комфор и перформанси во способен и авантуристички пакет.“
Новиот Cross Country ќе ги нуди сите предности и бенефити од „обичниот“ V90 – тука ќе бидат сите погонски единици кои Volvo ги нуди – D4, D5, T5 и T6, кои располагаат со моќност меѓу 190 па сè до 320 коњски сили, а силата ќе се испорачува кон сите четири тркала. Во однос на регуларниот V90, Cross Country е повисок за цели 65 милиметри, а растојанието од подлогата е респектабилни 218 милиметри.
Секако, Volvo не би бил Volvo доколку не понуди цела гама на системи за активна и пасивна безбедност, па V90 ќе ги добие сите системи кои неговите браќа ги имаат – очекуваме ова да биде еден од најбезбедните – ако не и најбезбедниот – модел во класата. Тука ќе биде и системот за полу-автономно возење Pilot Assist, големиот 9-инчен дисплеј со навигација, 12.3-инчниот активен дисплеј пред возачот и многу, многу други додатоци.