Ние навистина сакаме вкусно модификувани автомобили – но она што Scaldarsi Motors го претстави можеме да го опишеме само како невкусно и вулгарно.
Да бидеме искрени – основата е одлична. Под драстично изменетата каросерија на „императорот“ се крие супериорниот Mercedes-Maybach S600 Rocket со потекло од Brabus. Тоа значи врвен луксуз, 888 коњски сили и забрзување до 100 километри на час за само 3.8 секунди.
Но она што „дизајнерите“ од Scaldarsi Motors го направиле со ентериерот и екстериерот е навистина несекојдневно – и тоа не го мислиме во позитивна смисла. Ќе препознаете нов, поширок бодикит, нов преден дел со огромна предна решетка, нов заден дел – и да, некои од деталите се направени од 24-каратно злато. Вулгарност? Никако!
Во кабината купувачите ќе можат да изберат меѓу кожа од 24 различни егзотични животни, и сето тоа во 24 различни бои, како и 78 различни финални обработки на дрвените детали. Сега за сега се планирани само 10 примероци (за среќа!) а почетната цена е 1.5 милиони долари.
За жал, Scaldarsi Motors планира да ја продолжи гамата – со Emperor II, III, IV и V, базирани на Mercedes-AMG S65 Coupe, Bentley Bentagya, Mercedes-AMG G65 и Bugatti Chiron, соодветно.
До луѓето на чело на Scaldarsi Motors – ве молиме, немојте!