Mercedes-Benz го претстави својот најнов концепт – визија за тоа како би можел да изгледа врвниот луксуз под значката на Maybach – и тоа со електричен погон!
Како што и самото име сугерира, автомобилот е долг скоро шест метри (односно, 5.7 ако веќе навлегуваме во детали) и е предвесник за вториот модел во Maybach гамата на Mercedes-Benz. Секако, бидејќи се работи за концепт дизајнерите имале целосна слобода, па Mercedes-Maybach 6 изгледа навистина несекојдневно – веднаш ќе го забележите дооооолгиот преден дел, како и големите 24-инчни тркала!
Mercedes-Maybach 6 е придвижуван од четири електромотори – секој придвижува по едно тркало. Во коминација со батерискиот модул со зафатнина од 80 kWh поставен во подот, вкупната системска моќност изнесува околу 750 коњски сили. Тоа му овозможува на огромниот концептен автомобил да забрза до 100 километри на час за помалку од четири секунди и да постигне електронски-ограничени 250 километри на час. Според официјалните податоци, автономијата е преку 500 километри!
Со Mercedes-Maybach 6, германскиот премиум производител најавува и систем за брзо полнење. Според нив, со само 5 минути полнење на батериите може да се добие автономија од 100 километри – а тоа се должи на систем за полнење од 350 kWh.
Како и екстериерот, и ентериерот е несекојдневен – целиот ентериер е „едноделен“ и поврзан, а луѓето од Mercedes го опишуваат како „360-степенско фоаје“. За да се истакне луксузот во ентериерот има многу детали од вистинско дрво, а главен акцент е поставен на „активното“ ветробранско стакло на кое се прикажани GPS информации и други податоци за возењето.
Импресивно, зарем не?